sad i makedonija

26.05.2023 Скопје

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска имаше официјална средба со членот на Сенатот на САД, Крис Марфи, којшто е во посета на Северна Македонија.

На средбата, во состав на македонската делегација присуствуваа првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, министерката за одбрана, Славјанка Петровска, заменичката на министерот за правда, Викторија Аврамовска Мадиќ и министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов. Во рамките на делегацијата од САД присуствуваа амбасадорката на САД, Анџела Агелер, постариот политички советник, Кол Бокенфелд и воениот офицер за врска, Марински корпус на САД, мајор Јувин Хо, како и шефот на политичко економскиот сектор на Амбасадата на САД, Кристофер Зимер.

На средбата, премиерот Ковачевски се заблагодари на огромната поддршка која САД и ја пружа на нашата држава, оценувајќи дека Северна Македонија останува стабилен, стратешки партнер и докажан сојузник на САД, билатерално и во НАТО, фокусирана на демократски просперитет, како и на заедничките активности во борбата против тероризмот и другите закани по светскиот мир.

Притоа, премиерот Ковачевски го изрази задоволството што Северна Македонија е првата земја од Западниот Балкан што го започна Стратешкиот дијалог со САД.

Беше дискутирано и за реформите во областа на владеењето на правото и борбата против корупцијата, при што, премиерот Ковачевски потенцираше дека тоа се наши врвни приоритети. Корупцијата, како што нагласи премиерот, претставува закана за стабилноста и безбедноста на општествата, ги поткопува институциите и вредностите на демократијата, етичките вредности и правда и го загрозува одржливиот развој и владеењето на правото. Премиерот истакна дека високо ја цениме поддршката во рамките на помошта од САД за развој на антикоруптивни стратегии за секоја земја на Западен Балкан, вклучително и Република Северна Македонија, како поддршка на националните анти-коруптивни стратегии што веќе се креирани во многу полиња.

На средбата се разговараше и за претстојните предизвици на државава во однос на носењето на уставните измени, за што премиерот Ковачевски рече дека овој процес ќе го одреди идниот курс на државава во однос на евроинтеграцискиот процес.

Нагласувајќи ја силната поддршка од САД за земјава, сенаторот Марфи потенцира дека Северна Македонија мора да продолжи со спроведувањето на политики кои водат до полноправното членство на ЕУ бидејќи тоа е единствената опција која води до стабилност, мир и безбедност, како во земјата, така и во регионот и пошироко.

Поздравувајќи го најновиот посилен фокус на САД кон регионот на Западен Балкан, особено во услови на етнички тензии и надворешно политичко и друго влијание, премиерот Ковачевски нагласи дека со взаемни напори може да се создаде пријатна средина за инвестирање и креирање работни места во регионот, особено за младите луѓе, а во меѓувреме да се нудат можности за инклузивен, транспарентен економски раст и вработување врз основа на заслуги, а тоа ќе охрабри повисоки нивоа на трговија и директни инвестиции.

Посилен Балкан, интегриран во посилна Европа, истакна премиерот Ковачевски, води кон посилно трансатлантско партнерство и придонесува кон глобален мир и просперитет.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author