17.05.2023 Скопје
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски во рамки на четвртиот Самит на Советот на Европа, учествуваше на Тркалезна маса зад затворени врати, на која се разговараше за моделите за зачувување и развој на демократијата во време на огромни ризици по истата.
Во дискусијата, претседателот на Владата Ковачевски се осврна на обврската на сите земји силно да ја осудат агресијата против основните принципи на меѓународното право и светскиот поредок, меѓу кои и демократијата, како и да покажат солидарност и единство во одбраната на моралните вредности, посебно во време на глобални предизвици. Секоја форма на агресија и страдање на цивилно население, како средства за постигнување цел, беше оценета како неприфатлива.
Беше нагласена и важноста од брза интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ, како инвестиција во зацврстување на безбедноста на Европа, за што развојот на демократијата и човековите права се основни темели.
Подготвено од А.Ѓ.