kovachevski

05.05.2023 Скопје

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски во рамки на работната посета на Њујорк, синоќа се обрати на приемот во седиштето на Обединетите Нации, по повод 30 години од членството на Република Северна Македонија во ОН.

Во своето обраќање, премиерот Ковачевски истакна дека триесет години може да се многу значајни во животот на еден човек, додека истовремено за една држава, а камоли за историјата, да немаат толкаво значење, потенцирајќи дека 8 април 1993 година секогаш ќе остане запаметен како еден од најзначајните датуми во историјата на Република Северна Македонија.

„Ние исполнивме долгогодишен сон на генерации Македонци, за слободна, суверена, независна и демократска држава, цврсто закотвени во семејството на нации“, додаде Ковачевски.

Сите овие години Република Северна Македонија се однесуваше одговорно, како земја која ги разбира глобалните процеси и ги почитува начелата на меѓународното право и добрососедство. Северна Македонија мина низ многу тешки моменти, но благодарејќи на мудроста на своите граѓани и спроведувањето на разумни политики и лидерството на нејзините политичари, успешно ги надмина сите предизвици и искушенија што ѝ застанаа на патот.

„Во изминатите 30 години донесовме мноштво тешки одлуки. Тешките, но имагинативни и храбри избори, ни овозможија да станеме НАТО земја и да започнеме пристапни преговори со ЕУ, со заштитени и признаени јазик, идентитет и култура. Од земја што пред 30 години беше домаќин на мировни мисии, сега сме земја што е домаќин на меѓународни преговори. Ова беше направено затоа што се надградуваме на лидерството и искуството и визијата на политичарите и дипломатите“, истакна Ковачевски.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author