Image by frimufilms on Freepik

11.05.2023 Скопје

Европските економии, во голема мера зависни од автомобилската индустрија, се соочуваат со голема опасност во вид на увоз на кинески автомобили, покажува студијата на германскиот осигурителен гигант Алијанц.

Во извештајот на Алијанц Трејд се наведува дека кинеските електрични возила претставуваат најголем ризик за европските производители на автомобили и би можеле да ги чинат седум милијарди евра годишно како изгубена добивка до 2030 година, доколку законодавците не ги преземат неопходните чекори.

Креаторите на политиката треба да одговорат на овој предизвик со реципрочни царини за увезени автомобили од Кина, да направат повеќе за технологија и развој на материјали за автомобилски батерии и да им дозволат на кинеските производители да склопуваат возила во Европа, се заклучува во извештајот на германската осигурителна компанија Алијанц.

Оваа студија е всушност одраз на предупредувањето кое го објави шефот на Stellantis, Карлос Таварес, на овогодинешниот CES. Тој нагласи дека европската автомобилска индустрија се соочува со „страшна борба“ со кинеските увозници.

Европските автомобилски компании всушност се соочуваат со двојна закана, бидејќи продажбата на нивните возила опаѓа во Кина, каде што локалните производители на електрични автомобили заземаат сè поголем пазарен удел, и поради зголемувањето на продажбата на увезените кинески електрични автомобили, произведени во Кина, како од кинеските така и од западните производители.

Глобалните автомобилски компании ветија дека ќе се вратат во Кина со голем број електрични возила на пазарот кој брзо се менува, каде што се засилува притисокот за намалување на цените.

Преполниот пазар на електрични SUV/crossover во Кина врши притисок врз локалните производители да извезуваат повеќе возила во Европа. Увозот на електрични возила од Кина би можел да ја чини ЕУ повеќе од 24 милијарди евра економско производство до 2030 година, или 0,15 отсто од бруто домашниот производ на европскиот блок.

Сепак, „автозависните економии на Германија, Словачка и Чешка би можеле да се соочат со уште поголем удар“ од 0,3 до 0,4 отсто од БДП, според извештајот насловен: „Кинескиот предизвик за европската автомобилска индустрија“.

„Влогот е голем за европската автомобилска индустрија: четири од пет продадени автомобили во Европа се склопуваат локално“, се додава во извештајот.

Европа е, исто така, светска извозна сила во овој сектор, при што трговијата со автомобили генерира меѓу 70 и 110 милијарди евра трговски суфицит за европската економија секоја година во изминатата деценија.

Во извештајот се наведува дека американскиот Закон за намалување на инфлацијата (IRA) ја направи Европа цел на кинескиот извоз.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author