koli

19.05.2023 Скопје

Државниот завод за статистика на Германија објави дека во првиот квартал од годинава 28,2 отсто од сите увезени електрични возила биле од Кина. Колку е овој скок драстичен најдобро говори податокот дека истиот период лани ова учество изнесуваше 7,8 отсто.

Истовремено, забележан е пад на извозот на германски возила во Кина, за цели 23,9 отсто во однос на истиот период лани. Затоа, не е чудно што пред неколку месеци многу производители решија да ги намалат цените на своите автомобили на кинескиот пазар, се со цел да придобијат барем дел од купувачите.

Овој проблем не е изолиран само кај германските автомобили, бидејќи истата ситуација е и со јапонските марки. Кинезите едноставно се свртеа кон домашните марки и возила кои се поевтини и не заостануваат зад западните ривали според нивните карактеристики. Напротив.

Доколку се вратиме на германскиот пазар, еве уште некои податоци кои говорат за доминацијата на Кина на пазарот. Така, во првиот квартал, 86% од увезените персонални компјутери, 67,8% од паметните телефони и 39,2% од литиум-јонските батерии потекнуваат од Кина.

„Многу производи за секојдневниот живот, како и стоки за енергетска транзиција, сега доаѓаат главно од Кина“, соопшти канцеларијата, потврдувајќи дека германската економија е во голема мера зависна од кинеската економија.

Исто така, се добива впечаток дека германската автомобилска индустрија донекаде го губи чекорот со кинеската, исто како што најавија многу експерти во последните години. Во исто време, Германија не е единствената земја која доживува пенетрација на кинески електрични автомобили. Општо е познато дека Dacia Spring доаѓа од исток, а во Европа, особено во Франција, благодарение на пониската цена бележи значителна продажба. Затоа, француската влада планира да ги ограничи стимулациите за купување нови електрични автомобили исклучиво на возила произведени во Европа.

Истовремено, кинеската автомобилска индустрија го зголеми уделот на домашниот пазар, а минатата година го зголеми извозот четири пати на околу два милиони возила. Се очекува годинава да извезе над три милиони возила.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author