30.05.2023 Скопје
Во Звечан во текот на вчерашниот ден изби конфликт меѓу припадниците на КФОР и српскиот народ, во кој беа повредени десетици лица од двете страни.
Поранешниот претседател на општина Звечан, Драгиша Миловиќ изјави дека седеле мирно и дека му бил свртен грбот кога почнале да ги тепаат со палки и штитови, фрлале солзавец и шок бомби.
„Повеќе ме боли душата од она што го претрпевме од овие трауми. Тоа се уште контузии што ќе поминат, но она што нè боли е тоа што видовме шок бомби како се фрлаат на голи раце и како се пукаат, се брутално тепани“, вели Миловиќ.
Тој истакна дека цел ден зборувале дека сакаат да најдат компромис, но за жал како некој да сака да го испровоцира тоа што се случило.
„Мораме да најдеме сила да го надминеме ова. Тешко е, но се надевам дека ќе го направиме тоа со единство, но ни треба помош од нашата земја“, рече Миловиќ.
Американскиот амбасадор Џефри Ховениер истакна дека САД силно ги осудуваат насилните акции на демонстрантите во Звечан, вклучително, како што тврди, употребата на експлозиви против КФОР.
На Твитер, Ховениер го повтори повикот на САД за итен прекин на насилството или дејствијата кои поттикнуваат тензии или промовираат конфликт.
„САД силно ги осудуваат насилните акции на демонстрантите денеска во Звечан, вклучително и употребата на експлозиви, против војниците на КФОР кои сакаат да го задржат мирот“,напиша Ховениер.
Во Звечан се повредени најмалку 50 лица, а меѓу нив е и поранешниот претседател на општина Звечан, Драгиша Миловиќ, кој има повреди на градниот кош.
Еден од повредените е во критична состојба, додека две лица се тешко повредени.
„Повеќе од 53 лица се со различни видови повреди од шок бомби, солзавец и удари, тројца се задржани во болница, а едно лице е во животна опасност и има прострелни рани“, изјави директорот на Клиничкиот болнички центар во Косовска Митровица, Златан Елек.
Меѓу повредените е и репортер на агенцијата Танјуг.
Во Звечан и Лепосавиќ вчера наутро е забележливо зголемено присуството на силите на КФОР. Силите на КФОР беа опремени да ги разбијат демонстрациите. Во Звечан во попладневните часови дошло до судир меѓу силите на КФОР и насобраните граѓани, биле фрлени шок бомби и солзавец, а биле фрлани и камења и шишиња.
Во текот на вчерашниот ден, мрежата SafeJournalists ги повикаа меѓународните организации во Косово, одговорни за обезбедување стабилност, да ја направат заштитата на новинарите приоритет и да промовираат безбедна средина за извршување на професионалните новинарски должности, како и државните и локалните функционери да обезбедат еднаков третман за сите новинари во Косово. Посочија дека досега се документирани седум инциденти со напади врз новинари и медиумски персонал во градовите во северниот дел на Косово и оценуваат дека секој напад врз новинари е напад на јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.
Двајца Срби се ранети од огнено оружје за време на конфликтот во Звечан, изјави државниот секретар во Министерството за одбрана Немања Старовиќ. Тој посочува дека еден од нив е во многу тешка состојба.
„И голем број наши сонародници кои мирно протестираа, а тоа се гледа по тоа што седеа на асфалтот пред да започне интервенцијата на КФОР, многумина од нив беа полесно повредени“, изјави Старовиќ.
Српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ изјави дека српските вооружени сили (САФ) од петок се на највисоко ниво на борбена готовност и дека вчера до 14 часот, армиските формации ќе бидат целосно распоредени по административната линија, според однапред договореното.
„Тие ќе бидат подготвени да ја извршат секоја задача и наредба што доаѓа од врховниот командант со надеж дека ќе се најде политичко решение“, изјави Вучевиќ.
Тој рече и дека има впечаток дека КФОР ги штити т.н Косовската полиција и „узурпатори на демократијата“ и самопрогласени претседатели на општини од жителите на кои би требало да бидат градоначалници.
Подготвено од А.Ѓ.