КФОР ГИ ПОВИКА СРБИЈА И КОСОВО ДА СЕ ВКЛУЧАТ ВО ДИЈАЛОГОТ СО ЕУ БИДЕЈЌИ САМО ТАКА ЌЕ СЕ ОБЕЗБЕДИ МИР ВО РЕГИОНОТ

29.05.2023 Скопје

Мисијата на НАТО КФОР утринава го зголеми присуството во четирите општини на северот на Косово за да обезбеди безбедност во областа.

Според соопштението објавено од мисијата, целта на присуството на силите на КФОР е да се обезбеди безбедна средина и слобода на движење за сите заедници во Косово, во согласност со мандатот даден со Резолуцијата на Советот за безбедност 1244 од 1999 година на Обединетите Нации.

КФОР ги повикува сите страни да се воздржат од активности кои би можеле да ги разгорат тензиите или да предизвикаат ескалација. Во согласност со својот мандат, КФОР е подготвен да ги преземе сите неопходни активности за да обезбеди безбедна средина на неутрален и непристрасен начин.

Командантот на КФОР, генерал-мајор Анџело Микеле Ристуча останува во близок контакт со неговите главни соговорници, вклучително и претставници на институциите и безбедносните организации на Косово, Генералштабот на српските вооружени сили, како и мисијата ЕУЛЕКС и други претставници на меѓународната заедница.

КФОР исто така ги повика Белград и Приштина да се вклучат во дијалогот предводен од Европската унија за намалување на тензиите, бидејќи тоа е единствениот начин за мир и нормализација во тој регион.

Подготвено од М.Н.

About Author