08.05.2023 Скопје
Општина Центар врз основа на Програмата за комунални дејности на Општина Центар-Скопје за 2023 година објави јавен повик за финансиска поддршка за поправка и санација на постојни кровни конструкции и постојни лифтови во станбени згради на подрачјето на Општина Центар-Скопје.
Предмет на Јавниот повик е пријавување на заинтересирани сопственици на заеднички делови на колективни станбени згради управувани од управител на станбени згради или од заедница на сопственици од подрачјето на Општина Центар-Скопје за реконструкција на постојни кровни конструкции и поправка и санација на лифтови во нивните станбени згради.
Јавниот повик се однесува на: финансиска поддршка за поправка на лифт за кој со технички преглед, извршен од овластено акредитирано независно правно лице, е утврдено дека е технички неисправен и/или за модернизација на лифтови и нивно усогласување со безбедносните барања и подобрување на безбедноста на постојните лифтови во согласност со Законот за техничка инспекција и Правилникот за користење лифтови и транспортери. Финансиската поддршка за реконструкција на покриви и кровни покривки е насочена кон замена на постојните азбестни салонитни покривки со еколошки на колективни станбени објекти и реконструкција на рамни проодни и непроодни тераси под услови што се наведени во Јавниот повик.
Проектот се поддржува со финансиски средства од Буџетот на Општина Центар-Скопје, Програма ГДО, во висина од 30 % од вкупниот износ од вредноста, но не повеќе од 150.000,00 денари, за реконструкција на постојни кровни конструкции и висина од 30 % од вкупниот износ од вредноста, но не повеќе од 300.000,00 денари за поправка и санација на лифтови за секоја одобрена апликација, поднесена од заинтересирани сопственици на заеднички делови на колективни станбени згради управувани од управител на станбени згради или од заедница на сопственици. Сопствениците на посебни делови треба да ги обезбедат преостанатите финансиски средства во висина од 70 % од вкупниот износ од вредноста за реконструкција на постојни кровни конструкции и поправка и санација на лифтови.
Јавниот повик се реализира, односно селекцијата се врши по принципот „прв дојден, прв услужен“.
Предуслов за исплата на средствата од Општина Центар-Скопје е потпишан договор (од двете договорни страни и архивски заверен) со избрана фирма од заедницата на станари или од управителот и уплатен аванс (минимален износ од 50 % од вредноста на договорот) во избраната фирма (со прилог тековна состојба од избраната фирма изведувач). По приложувањето на овие документи во Општина Центар, Општината ги префрла своите средства, како финансиска поддршка, на сметка на заедницата или на управителот на зградата.
По извршената исплата на средствата од Општина Центар-Скопје, претседателот на заедницата или управителот на зградата се задолжува во рок од шест месеци да достави изјава дека е извршена реализација на договорот. Изјавата, дадена под морална, кривична и материјална одговорност, треба да е заверена на нотар и во неа да биде наведено дека работите целосно се реализирани во согласност со потпишаниот договор и дека средствата од финансиската поддршка од Општина Центар-Скопје се целосно искористени за конкретната намена за која се доделени.
Право на учество во Јавниот повик имаат заедници на сопственици на станови во колективни станбени згради од подрачјето на Општина Центар-Скопје што ги исполнуваат следниве услови:
– Доколку станува збор за реконструкција на постојни кровни конструкции, тие треба да бидат оштетени, а во однос на поправката и санацијата на лифтови, постојните лифтови треба да бидат неисправни;
– Сопствениците на станови треба да имаат регистрирано заедница на сопственици или да имаат избрано управител на станбена зграда;
– Најмалку 70 % од становите во зградата (односно влез) да се користат (населени) во текот на цела година (вклучително и најмени станови).
Право на учество во Јавниот повик имаат сите влезови поединечно, но треба да имаат регистрирано заедница на сопственици или избрано управител на станбена зграда.
При рангирањето на колективните станбени згради, кои ги исполнуваат наведените услови, како критериум е предвидено и целосна и навреме доставена документација.
Заинтересираните заедници на сопственици на станови во колективни станбени згради поднесуваат пријава на пропишан образец што може да се добие во Архивата на Општина Центар-Скопје, барака 6 или да се извади од веб-страницата на Општина Центар-Скопје www.centar.gov.mk.
Подготвено од А.Ѓ.