17.05.2023 Скопје
На луѓето во Јапонија сега им се достапни лекциите за смеа после три години владини препораки за носење маски.
Откако пандемијата на Ковид-19 се прошири низ светот во 2020 година, на луѓето во Јапонија им беше препорачано да носат маски за да се заштитат од респираторните заболувања.
Од неодамнешното укинување на правилото за носење маски, многу луѓе се мачеле да се прилагодат на животот без покривање на лицето.
Локален медиум пишува дека некои Јапонци заборавиле како да се смеат и имаат потреба да ги вежбаат изразите на лицето.
Состаноците кои ги организира Центарот за помош на постарите лица Акабане се зголемија во популарност со повеќе луѓе кои бараат индивидуални сесии од крајот на минатата година.
Бројот на регистрирани случаи се зголеми за 4,5 пати откако медиумите првпат објавија во февруари 2023 година дека владата ќе се откаже од препораката за носење маски.
Јапонија во мај рече дека покривањето на лицето треба да биде личен избор и ја намали класификацијата на сериозноста на вирусот.
Кеико Кавано, тренер за едукација за насмевка во Егаоику, истакна дека откако носењето маски стана норма, луѓето имаа помалку можности за насмевки, а сè повеќе луѓе развија комплекс за тоа. Воедно, додаде дека активирањето и опуштањето на мускулите на лицето е клучот за добра насмевка.
Па, како се одвиваат лекциите?
На учесниците им се дава рачно огледало за да го проверат нивниот напредок и да се насмевнат, а некои ги прилагодуваат изразите на лицето додека не бидат задоволни со резултатот од нивната природна насмевка.
Јасуко Ватараи, учесник на една од лекциите, изјави: „Насмевките се клучни за комуникација без маска. Сакам да го применам она што го научив денес на волонтерски активности и други собири“.
Кавано рече дека сака луѓето да поминуваат повеќе време насмеани за сопствената физичка и ментална благосостојба.
“Насмевката не само што остава добар впечаток кај другите и ја олеснува комуникацијата, туку и прави да се чувствувате попозитивно. Сакам луѓето да поминуваат време свесно насмеани за нивната физичка и ментална благосостојба”, додала таа.
Подготвено од А.Ѓ.