18.05.2023 Скопје
Изложбата „Убавите жени на мојот народ“ на академскиот сликар Славчо Максимовски, на 29-ти мај ќе биде поставена во Загреб, во културно-општествениот центар на македонската православна црква „Света Злата Мегленска“ (сала „Тоше Проески“), со почеток во 19 часот.
Со поддршка на Македонско – хрватското друштво од Тетово, концептот за „Убавите жени“ инспириран од песната на Блаже Конески, кој содржи 29 фотографии на македонски жени, ќе биде претставен и пред хрватската јавност.
Станува збор за комбинација на класична фотографија, цртеж во комбинирана техника и дигитална обработка односно фото манипулација. Димензиите на сите фотографии се 50/70см. Изборот на жени неслучајно е направен и е составен од жени од различни професии и различна возраст.
Замислата е да се даде почит кон жените и да се претстават жени кои преку психологијата на нивните ликови ќе ја појаснат убавината, односно суштината на жените кои живеат тука, успешни, без бариери и предрасуди. Жените мора да се столб на едно општество. Притоа, не се мисли само на физичката убавина туку на поривот за истрајност, борбеност, мистика, страст, херојство, непокорност на патот кон успехот, и секако жената како центар на светот.
Славчо Максимовски е академски сликар, роден во Скопје, во 1988 година. Има дипломирано и магистрирано на Факултетот за ликовна уменост во Скопје. Досега има изложувано во Тетово, Скопје, Гостивар, Куманово, Велес, Битола, како и надвор од државата – во Италија, Србија, Финска и Мексико.
Подготвено од А.Ѓ.