municija

26.05.2023 Скопје

Италијанската компанија Италсистем е заинтересирана за повеќемилионски инвестиции во Црна Гора во областа на наменската индустрија. Според локалните медиуми, тоа се однесува на фабриката за муниција.

Како што беше соопштено, државниот секретар во Министерството за одбрана Крсто Перовиќ и советничката на премиерот за инвестиции Марија Крговиќ во текот на вчерашниот ден се сретнаа со претставниците на оваа компанија.

Претседателот на Италсистем, Лоренцо Бартолини, вчера ја претстави инвестициската програма вредна три милиони евра, која ќе опфати отворање производствен погон за муниција, извозно ориентиран со фокус на американскиот пазар и другите земји членки на НАТО.

„Италија и Црна Гора имаат традиционално добри односи, кои значително ќе се подобрат преку поинтензивна соработка во областите од заемен интерес и имплементација на вакви проекти“, рече Перовиќ.

Италсистем е италијанска компанија основана во Рим со идеја за подобрување на услугите во секторот за производство на муниција. Присутна е во повеќе од десет земји во светот.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author