25.05.2023 Скопје
Ирска официјално стана првата земја во светот која ги обврза производителите на алкохолни пијалаци да напишат на етикетата податоци за пијалокот, односно колку калории и грама има пијалокот, дека постои ризик од рак и заболување на црниот дроб, како и опасност од пиење за време на бременост.
Министерот за здравство на Ирска, Стивен Донели, вчера го потпиша законот и изјави дека е среќен што и другите земји ќе го следат овој пример, но сепак ги загрижи италијанските производители на вино и луѓето во некои земји од Европската унија.
Донели истакна дека законот ќе стапи на сила на 22 мај 2026 година и ќе им даде време на компаниите да се приспособат на политиката, која ги следи постоечките правила за храна и други пијалоци.
Производителите на алкохол ќе мора да прикажуваат информации и предупредувања на пакувањето и да ги насочат корисниците на веб-страницата на ирското Министерство за здравство за повеќе информации за консумирање алкохол.
Слични вакви информации ќе бидат задолжителни и во пабовите, рестораните и другите објекти во Ирска кои служат алкохол.
Подготвено од М.Н.