inflacija eu

18.05.2023 Скопје

Евростат објави дека растот на цените во Европската унија забави во април, истовремено потврдувајќи ја проценката која покажува мало забрзување на инфлацијата во еврозоната.

Инфлацијата во еврозоната, изразена со хармонизираниот индекс на потрошувачки цени (HICP), во април изнесуваше седум отсто.

Во март цените во областа на примената на заедничката европска валута пораснаа за 6,9 отсто.

На ниво на ЕУ, индексот бележи пораст на потрошувачките цени во април од 8,1 отсто во однос на истиот период лани, по растот од 8,3 отсто во март.

На месечно ниво, потрошувачките цени пораснаа во двете области за 0,6 отсто, по мартовскиот раст од 0,9 отсто.

Малото забрзување на инфлацијата во еврозоната го одразува обновениот раст на цените на енергенсите, за 2,4 отсто во однос на ланскиот април. Во март цените на енергенсите се за 0,9 отсто пониски во однос на истиот месец лани.

Меѓу земјите од ЕУ кои не се дел од еврозоната, Унгарија забележа највисока стапка на инфлација во април, од 24,5 отсто. Двоцифрен раст на цените забележаа и Полска и Чешка, од 14 отсто, односно 14,3 отсто.

Во еврозоната највисока стапка на инфлација забележа Летонија, 15 отсто, потоа Словачка, каде што изнесува 14 отсто.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author