indija

02.05.2023 Скопје

Според проценките на Обединетите нации, Индија сега е земја со најголемо население на планетата: 1,425 милијарди.

Светската организација користи и пописи на населението и податоци за стапката на смртност и стапките на природен раст за оваа проценка.

За првпат од 1950 година, откако се проценува така, Кина не е на прво место по население.

Таа вест, сепак, не се толкува универзално како знак за зголеменото значење на Индија како светска сила. Така, Ванг Венбин, портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, изјави дека Индија сега, точно е, има повеќе луѓе, но дека Кина сепак има повеќе „таленти“.

Во Германија, неделникот „Шпигел“ објави цртан филм во врска со тоа, на кој е прикажан пренатрупан, застарен „индиски“ воз како престигнува „кинески“ модерен воз кој брзо се движи.

Политичарите и коментаторите во Индија ја осудија карикатурата како расистичка.

„Зошто развиениот свет не пропушта никаква можност да ја удри Индија под појасот и да го понижи нејзиниот народ? Тие имаат причина да се грижат: уживаат во славното минато и гледаат во мрачна иднина“, објави Сарвеш Каушал, поранешен министер во Индија.

Германските медиуми го поставија прашањето: Какво значење, освен симболично, има тоа што сега Индија е земја со најмногу жители?

Срикант Кондапали, професор по кинески студии на Универзитетот Џавахарлал Нехру во Њу Делхи, вели дека некои реакции на ваквиот развој на настаните се расистички и со предрасуди кон Индија.

„Сметаме дека нашето население е предност, а не проблем“, изјави тој, додавајќи дека просечната возраст во Индија е 27 години, што е под глобалниот просек.

„Тоа создава „демографска дивиденда“ за земјата. Се подобруваат важни показатели, се зголемува стапката на писменост, како и здравствената заштита. Моментално сме петта економија во светот, а во 2030 година сакаме да бидеме на трето место“, изјави тој.

Индија има една од најбрзо растечките економии во светот. За 2023 година, Светската банка очекува Индија да забележи раст од околу 6,9 проценти. Меѓународниот монетарен фонд очекува индиската економија следната година да порасне за 6,1 отсто.

Просечната возраст на населението често се смета за позитивен фактор, но Индија се бори и со високата невработеност кај младите. Во декември минатата година, невработеноста во индиските градови беше 10,1 отсто, што е се поголем проблем за кој придонесоа и отпуштањата поради пандемијата. За младите, добро образовани луѓе, пред сè, недостигаат подобро платени, квалификувани работни места. Во индустриската преработка, стапката на невработеност е делумно висока и 20 проценти.

Невработеноста и инфлацијата во моментов се најголемите проблеми во Индија пред следните избори што треба да се одржат во мај 2024 година.

За Кондапали, јасно е на што треба да се фокусира политиката на Владата доколку Индија има корист од растот на населението во наредните години.

„Потребно е подобрување на инфраструктурата и квалификациите на луѓето, отворање работни места и подобрување на работната средина, како и други основни показатели за личен развој“, вели тој.

Од друга страна, за Кина, тоа што Индија ја престигна по бројот на жители е повеќе од симболично. Иако кинеската економија е четири пати поголема од индиската, Пекинг е сè уште ранлив на намалување и стареење на населението. Бројот на Кинезите над 65 години ќе се удвои до 2050 година, со што ќе се стави тежок товар на помладите.

Владејачката Комунистичка партија на Кина презеде различни мерки за да го спречи падот на природниот пораст на населението. Реакциите во кинеските државни медиуми на веста за Индија укажуваат на одредена фрустрација од состојбата со населението.

„САД ги зголемуваат своите напори да го запрат развојот на Кина и најдоа нова причина во извештајот на Обединетите нации. Во исто време, постои недостаток на основно разбирање на законот за развој на населението“, се вели во коментарот на кинеската држава.

Кондапали признава дека Кина останува пред Индија во клучните индикатори како што се писменоста и здравствената заштита. Но, тој додава дека разликата повеќе не е толку голема како што претставува Пекинг.

Сепак, тој нагласува дека растот на населението не значи дека Индија станува велесила.

„Велесила се создава врз основа на бруто домашниот производ, врз основа на технологијата, воената сила или „меката моќ“. Ниту една земја нема да стане суперсила врз основа на нејзиното население“, вели Кондапали.

Тој гледа важна идеолошка разлика меѓу Делхи и Пекинг.

„Индија нема амбиции да стане суперсила. Слушнавме од Кси Џинпинг, кинескиот лидер, дека Кина би сакала да биде во центарот на вниманието, но ниту еден индиски политичар никогаш не рекол дека Индија сака да стане суперсила“, вели Кондапали.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author