04.05.2023 Скопје
Холандската министерка за одбрана Кајса Олонгрен во говорот во Мастрихт истакна дека ЕУ заостанува во безбедносната и одбранбената соработка, но Холандија сака да предводи во притисокот за попроактивен и самодоверлив пристап кон овие прашања.
Олонгрен во својот говор, кој е во пресрет на Денот на Европа на 9 мај, се фокусираше на прашањето за стратешката автономија на ЕУ во безбедноста.
„Европски сон, европско ветување. За да го заштити тој идеал, Холандија сака да ја преземе водечката улога во продлабочувањето на безбедносната и одбранбената политика на ЕУ“, рече Олонгрен. Таа, воедно, се пожали дека ЕУ беше „фатена без стража“ кога започна руската војна во Украина во февруари минатата година.
Холандската министерка за одбрана додаде дека додека европската интеграција на економскиот фронт се засили во последните децении, безбедносната и одбранбената соработка заостана, потенцирајќи дека „особено кога НАТО добива обновено значење од војната на неговото источно крило, целосно оправданата европска улога во алијансата е клучна“.
Олонгрен предложи неколку конкретни мерки за зајакнување на самодоволноста на Европа, вклучително и зајакнување на европската одбранбена индустрија „со цел да и се помогне на Украина“, заеднички набавки на оружје во рамките на ЕУ и зголемување на европската соработка на оперативна основа.
Таа, исто така, се залагаше Европа да преземе поголема улога на источното крило на НАТО, како и да ја одржи соработката со ОК, која „е и останува воена суперсила“.
Олонгрен продолжи да го критикува потпирањето на ЕУ на странските сили – не само во областа на безбедноста, туку и во суровините.
Подготвено од А.Ѓ.