Image by freestockcenter on Freepik

03.05.2023 Скопје

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, во пресрет на 30-тиот Светски ден на слободата на медиумите истакна дека медиумските слободи се витален елемент на човековите права, но тие се нападнати ширум светот.

Меѓународните организации и медиуми предупредуваат дека новинарите се злоупотребуваат, затвораат или убиваат насекаде низ светот.

Гутереш во видео пораката објавена на конференција организирана од УНЕСКО во седиштето на ОН во Њујорк изјави дека медиумските слободи се витален елемент на човековите права, но во сите делови на светот, медиумските слободи се нападнати. Воедно, додаде дека новинарите и другите медиумски работници се директно насочени онлајн и офлајн додека ја вршат својата витално важна работа и тие се злоупотребувани, заплашувани, притворени, затворани секој ден.

Првиот човек на ОН не цитираше ниту едно име, ниту една земја, но другите учесници издвоија поединечни ситуации, на пример американскиот новинар на Wall Street Journal, Еван Гершковиќ кој е во руски затвор обвинет за шпионажа, што тој го отфрла.

Новинарката и активистка за правата на жените Масих Алинеџад, која живее во САД, истакна дека доаѓа од земја, Иран, каде што е кривичо дело да се биде новинар, потенцирајќи дека дека Иран е земја во која да се биде новинар, граѓански новинар може да доведе до затвор.

Според Репортери без граници, во 2022 година, 55 новинари и соработници во медиумската индустрија биле убиени ширум светот додека ја извршувале својата работа.

Директорката на УНЕСКО, Одри Азулај, истакна дека таквата ситуација е „неприфатлива“, додавајќи дека многу новинари биле убиени „во нивните домови, често пред очите на нивните семејства“.

За 30 години е постигнат напредок во слободата на медиумите, особено во однос на законот кој го гарантира правото на пристап до информации, но „ништо од тоа не е добиено“ и мора да се брани одново и одново. Покрај нападите врз новинарите, „дигиталната ера го трансформираше целиот информативен простор“, посочи таа и нагласи дека „новинарите се потребни токму сега повеќе од кога било досега“.

Гутереш истакна дека новинарите се потребни затоа што „вистината е загрозена од дезинформации и говор на омраза што се обидува да ги избрише границите меѓу фактите и фикцијата, меѓу науката и заговорот“.

Генералниот секретар на ОН изрази особена загриженост „поради зголемената концентрација на медиумската индустрија во рацете на неколкумина и колапсот на бројни независни медиуми“.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author