31.05.2023 Скопје
Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија МААЕ, Рафаел Гроси, најави дека наскоро планира да ги посети Киев и нуклеарната централа Запорожје во Украина, а можеби и Москва.
Тој најави дека експертите на Меѓународната агенција за атомска енергија МААЕ во овој момент не забележале распоредување на тешко оружје во нуклеарната централа Запорожје.
Според него, МААЕ има „многу добри експерти“ кои можат да идентификуваат ваков тип на опрема.
Гроси на седницата на Советот за безбедност на ОН рече дека и по неколкумесечни напори, не можел да обезбеди договор меѓу двете страни за заштита на овој објект и намалување на ризикот од катастрофална нуклеарна несреќа, која може да биде предизвикана од воени активности како гранатирање.
Тој побара од Украина и Русија да ги прифатат петте принципи за заштита на нуклеарната централа Запорожје, кои вклучуваат обврска да не се вршат напади на локацијата и од локацијата на нуклеарната централа, да не се користи областа на нуклеарна централа за распоредување на тешко оружје, како што се повеќецевни ракетни фрлачи и проектили, артилериски системи и муниција и тенкови, како и за стационирање на војници.
На состанокот во Советот за безбедност на ОН, Гроси побара станиците за снабдување со електрична енергија надвор од локацијата СИ Запорожје да останат достапни и безбедни, како и сите други витални системи кои мора да бидат заштитени од напад или саботажа.
Подготвено од А.Ѓ.