грков

16.05.2023 Скопје

„Заканите за сајбер безбедноста постојано еволуираат и затоа професионалците за сајбер безбедност мора да бидат опремени со најсовремени знаења и алатки за ефективно да се заштитат од нив. Техничките обуки им даваат можност да се запознаат со новите технологии, софтвер и најдобрите практики за сајбер безбедност, што им овозможува проактивно да ги штитат своите организации од сајбер закани“, изјави заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска на отворањето на конференцијата „Балкански денови за сајбер безбедност 2023“, која од денеска до 18 мај се одржува во Охрид.

Осврнувајќи се на важноста на експертските конференции, на кои се разменуваат знаења и искуства и се градат заеднички пристапи во справувањето со овој тип закани, вицепремиерката Грковска истакна дека само со обезбедување можности за обука на вработените на сите нивоа, можеме да создадеме чувство на заедничка одговорност за сајбер безбедноста и да се осигураме дека сите се опремени да идентификуваат и да одговорат на потенцијалните закани.

„Хибридните закани се опасност со која постојано се соочуваме, што значи дека постојано мора да ја јакнеме нашата отпорност“, посочи вицепремиерката Грковска, додавајќи дека како претседавач со Националниот совет за дигитална трансформација, посветува посебно внимание на прашањата поврзани со сајбер безбедноста. Од минатата година, Северна Македонија стана членка на GFCE (Global Forum on Cyber Expertise) и активно учествува во повеќе иницијативи и платформи.

Конференцијата „Балкански денови за сајбер безбедност 2023“ е во организација на Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор (DCAF – Geneva Centre for Security Sector Governance), Форумот за справување со инциденти и безбедносни тимови (FIRST- Forum for Incident Response and Security Teams) и MKD-CIRT – Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти при Агенцијата за електронски комуникации. Настанот е во рамки на проектот „Добро владеење во областа на сајбер безбедноста на Западен Балкан“, поддржан од Канцеларијата за надворешни работи, Комонвелт и развој на Обединетото Кралство. Околу 100 учесници на конференцијата ќе се стекнат со знаења за новите видови закани и трендови во сајбер безбедноста и ќе ги подобрат способностите за справување со вакви инциденти.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author