16.05.2023 Скопје
Новак Ѓоковиќ по елиминацијата на Карлос Алкарас стана главен кандидат за титулата на Мастерсот во Рим.
До крајот на неделата ќе се обиде да го одбрани трофејот освоен минатата сезона.
Италијанските медиуми повторно беа заинтересирани за прегледот на Новак за Австралија, тортурата низ која минуваше и општите впечатоци по неколкуте забрани за настап на Грен слем турнирите, депортацијата и конечната, може да се каже, победата.
Ѓоковиќ истакна дека тој не е анти-ваксер и никогаш нема кажано дека е, туку е про-избор, односно ја брани слободата на избор, слободата секој човек да одлучува што вбризгува во телото, а што не. Воедно, објасни за сето она што го има доживеано минатата година во Австралија, а се потсети и на човекот од Сирија со кој се има поврзано.
„Какво место беше тоа каде ме држеа? Затвор. Не можев да го отворам прозорецот. Останав помалку од една недела, но таму најдов млади луѓе, воени бегалци, кои беа таму многу долго време. Мојот случај им послужи да ги просветли, скоро сите беа ослободени и тоа ме теши. Младиот Сириец беше таму девет години. Сега е во САД. Кога ќе се вратам летово сакам пак да го најдам и да го видам на УС Опен. Се чувствувам поврзан со него“, изјави српскиот тенисер.
„Австралискиот судија ја прифати мојата жалба, но министерот за имиграција, кој има моќ да депортира кого сака без причина, ме исфрли од земјата. Но, јас не ги прекршив правилата. Влегов во Австралија со потребните и точни документи. Имав ковид и закрепнав, ги следев правилата и не загрозив никого. Сепак, одеднаш станав политички случај, кој му се закануваше на светот. Системот, чиј дел се медиумите, бараше цел што беше спротивна на мејнстрим. И станав тоа. Ми дадоа етикета „no vax“, сосема лажна работа од која сè уште ми се гади. Ме ставија на средина, издвоен како „persona non grata“. Се најдов сам и се чувствував како овца опкружена со 20 волци. А, човек сам нема шанси против големите медиуми. Сепак, брзо го заборавив тоа. Фокусиран сум на позитивни работи. По втор пат имав ковид. Секогаш ги прифаќав правилата, не можев да отидам во САД и не ни отидов. Се откажав од два турнири во САД за да останам верен на себе. Потоа се вратив во Австралија и победив. Но, бев разочаран, од медиумите и од многу колеги. Кога половината е против тебе, тогаш го гледаш вистинското лице на луѓето. И многу од нив ги свртеа главите, многу играчи и некои организатори“, изјави Новак.
За време на едно од интервјуата од страна на италијанските медиуми, на Ѓоковиќ му е поставено прашање во врска со војната во Украина.
Српскиот тенисер Ѓоковиќ истакна дека никој не победува во војна, „војната е најгрдата работа во животот, најлошиот изум на човекот, најлошата идеја во историјата“.
„Видов две војни, граѓанската во Југославија и бомбардирањето на НАТО. Ги видов страдањата на моето семејство, сиромаштијата на мојата земја. Војната е нешто многу поголемо од нас, само молете му се на Бога да заврши утре. За жал, војната во Украина е бавна и секој ден се поразорна. Уништени се градови, скратени животи, а има и штети кои не се гледаат, а ќе траат уште долго. Читав статија за последиците од воената траума – тие влијаат на здравјето, особено на варењето. Имав проблеми со мојот микробиом, мојата кариера почна дури кога дознав дека сум нетолерантен на глутен и млечни производи, можеби поврзана со војната“, истакна Ѓоковиќ.
Подготвено од А.Ѓ.