19.05.2023 Скопје
Земјите од Г7 дополнително ќе го ограничат пристапот на Русија до нивните економии и ќе ги прошират напорите насочени кон стопирање на извозот за сите артикли кои се клучни за руската агресија, вклучително и оние што ги користи Русија на бојното поле. Ова е заедничка изјава на лидерската средба на Г7 денеска во Хирошима во Јапонија.
Ова особено се однесува на извозот на индустриски машини, алати и други технологии што Русија ги користи за обнова на своите воени машини, се вели во изјавата на лидерите од Г7.
Заедничката изјава ја потврдува подготвеноста на земјите од Г7 да се погрижат Русија да плати за долгорочната обнова на Украина.
Конкретно, Г7 го поздравуваат формирањето во рамките на Советот на Европа и исполнувањето на барањето на Генералното собрание на Обединетите нации, на Регистар на штети предизвикани од агресијата на Руската Федерација врз Украина.
Непосредно пред почетокот на самитот ЕУ одржа координативен состанок. Присуствуваа италијанскиот премиер Џорџија Мелони, претседателот на Француската Република Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и претседателката на Комисијата на ЕУ, Урсула фон дер Лајен.
Во центарот на координативната средба меѓу европските лидери беа Украина, индустриските прашања, одбраната на заедничките интереси на ЕУ и енергетската транзиција.
Подготвено од М.Н.