11.05.2023 Скопје
Франција побара од Кина јасно да и стави до знаење на Русија дека Москва е во „ќорсокак“ во војната со Украина, бидејќи Пекинг се обидува да посредува во конфликтот.
Министерката за надворешни работи Кетрин Колона на состанокот на владата изјави дека Пекинг треба да ја повика Русија „да се врати на мирот“.
„Неопходно е Кина да ги искористи односите со Русија за Русија подобро да разбере дека е во ќорсокак и да и каже на Русија да се вразуми“, рече таа.
Барањето доаѓа откако францускиот претседател Емануел Макрон ја посети Кина минатиот месец и предизвика контроверзии велејќи дека Европа не треба да биде „следбеник“ ниту на Вашингтон, ниту на Пекинг или да биде заглавена во каква било ескалација околу иднината на Тајван.
Изјавите предизвикаа многу коментари, вклучително и од германскиот министер за одбрана Борис Писториус кој ги нарече „несреќни“, додавајќи: „Никогаш не сме биле во опасност да станеме или да бидеме вазали на Соединетите држави“.
Пекинг во понеделникот објави дека кинескиот министер за надворешни работи Чин Ганг оваа недела ќе ги посети Германија, Франција и Норвешка, бидејќи Кина бара посредничка улога во украинскиот конфликт.
Кина се обиде да се прикаже себеси како неутрална страна во конфликтот на Русија со нејзиниот сосед, а претседателот Си Џинпинг минатиот месец ги одржа првите разговори со украинскиот лидер Володимир Зеленски по специјалната воена операција на Москва.
Но, неодамнешните коментари на портпаролот на Кина во Франција, кои го доведуваат во прашање суверенитетот на поранешните советски држави, фрлаат сомнеж врз нејзиниот неутрален став, а позициите на Пекинг од 12 точки за ставање крај на конфликтот беа дочекани со скептицизам од страна на Соединетите Држави и НАТО.
Подготвено од А.Ѓ.