09.05.2023 Скопје
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, се сретна со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која е во посета на Киев на Денот на Европа.
„Од сега па натаму, 9 мај ќе биде Ден на Европа – во Европската Унија, како и во Украина. Денеска се среќаваме во Киев на овој посебен ден, бидејќи Киев е совршено место за прославување на Денот на Европа. Храбриот украински народ секој ден ги брани истите вредности кои се основата на Европската унија“, напиша украинскиот претседател на својот официјален Фејсбук профил.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, истакна дека е убаво повторно да се посети Киев, каде што вредностите кои што се драги се бранат секој ден.
„Киев е толку погодно место за прославување на Денот на Европа, и ја поздравувам одлуката на претседателот Володимир Зеленски да го прослави Денот на Европа овде во Украина на 9 мај“, истакна Фон дер Лајен.
Вчера Зеленски потпиша декрет според кој Украина го слави Денот на Европа на 9 мај, додека 8 мај станува ден на сеќавање и победа над нацизмот во Втората светска војна.
Одлуката на украинскиот претседател го разбуди гневот на Русија, која преку портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, го дефинираше Зеленски како „нова инкарнација на Јуда во 21 век“.
Подготвено од М.Н.