11.05.2023 Скопје
Евростат објави дека во 2022 година Европската унија има увезено високотехнолошки производи во вредност од 482 милијарди евра, а увозот на овој вид стоки е зголемен за 22 отсто во однос на 2021 година.
Извозот на високотехнолошки производи во земји надвор од ЕУ, исто така, е зголемен во однос на 2021 година, за 16 отсто, на 446 милијарди евра.
ЕУ минатата година најмногу има увезено високотехнолошки производи од Кина, во вредност од 183 милијарди евра, а уделот на увозот на високотехнолошки производи од оваа земја е 38 отсто.
На второ место се САД со учество од 19 отсто, а вредноста на увозот е 91 милијарда евра. Значајни извозници во ЕУ беа Швајцарија – удел од 6 отсто, вредност на увозот 30 милијарди евра, Тајван – учество од 5 отсто, увозна вредност од 23 милијарди евра, како и Велика Британија и Виетнам со учество од 4 отсто.
Во 2022 година ЕУ има увезено најмногу високотехнолошки производи од категоријата електроника и телекомуникации, во вредност од 202 милијарди евра.
Бројките покажуваат дека ЕУ има извезено повеќе високотехнолошки производи во САД, уделот на извозот бил 26 отсто, во вредност од 118 милијарди евра.
Второто место го зазема Кина, со учество од 12 отсто, во која се извезени стоки за 53 милијарди евра. Значајни увозници на високотехнолошки производи од ЕУ беа Велика Британија – удел 9 отсто, вредност на извозот 42 милијарди евра, Швајцарија – 6 отсто, вредност 28 милијарди, Јапонија – 4 отсто, 19 милијарди и Турција – 3 отсто, 12 милијарди.
Минатата година ЕУ има најмногу извезено високотехнолошки производи од категоријата фармацевтски производи во вредност од 145 милијарди евра.
Подготвено од А.Ѓ.