05.05.2023 Скопје
Европската централна банка (ЕЦБ) денеска соопшти дека повторно ја зголемува референтната каматна стапка за четвртина процентен поен, која сега изнесува 3,25 отсто, но со побавно темпо.
Одлуката на ЕЦБ доаѓа еден ден откако Федералните резерви на САД ја зголемија основната каматна стапка десетти пат по ред, за 0,25 отсто и сигнализираа дека го завршиле циклусот на зголемувања.
Сепак, централната банка на 20-те земји кои го користат еврото почна да ги зголемува каматните стапки малку подоцна и можеби ќе треба да продолжи со нив и покрај загриженоста за нивното влијание врз економскиот раст.
Европската централна банка оцени дека инфлациските очекувања се уште се превисоки за подолг временски период, а посочи и дека „ценовните притисоци се се уште силни иако стапката на инфлација бележи пад во изминатите месеци“.
Анкетата на ЕЦБ за кредитирање оваа недела покажа дека банките имаат се построги критериуми за одобрување заеми, но и дека потрошувачите и компаниите бараат помалку заеми и хипотеки.
Во следните одлуки, Европската централна банка ќе го доведе нивото на референтните каматни стапки на нивоа доволно рестриктивни за да се овозможи враќање на инфлацијата до среднорочната цел од два отсто.
Во соопштението се наведува дека стапките ќе останат на тие нивоа „се додека е потребно“.
Порастот на инфлацијата првично беше поттикнат од високите цени на енергијата поради специјалната воена операција на Русија на украинска територија: Москва го прекина најголемиот дел од испораките на природен гас за Европа, а имаше стравувања дека конфликтот ќе ја намали понудата на нафта на пазарот.
Закрепнувањето на побарувачката по најлошото од пандемијата Ковид-19 и проблемите со залихите на делови и суровини, исто така, одиграа улога.
Зголемувањето на стапката е главната алатка на централните банки против инфлацијата. Повисоките стапки ја зголемуваат цената на кредитите за потрошувачка или инвестиции и со тоа ја ладат побарувачката на стоки.
Подготвено од А.Ѓ.