29.05.2023 Скопје
Во Турција, во текот на вчерашниот ден, заврши вториот круг од претседателските избори. Граѓаните избираа меѓу актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган и кандидатот на опозицијата Кемал Киличдароглу.
Врз основа на 98,52 отсто од преброените гласови, Ердоган освоил 52,11 отсто од гласовите, а кандидатот на опозицијата Кемал Киличдароглу 47,89.
Вчеравечер, Ердоган прогласи победа и им се заблагодари на граѓаните кои нему и на неговата партија им дадоа нова доверба да ја водат земјата во следните пет години.
„Го завршивме вториот круг од претседателските избори во корист на нашата нација. Единствениот победник на овие избори е Турција, победија сите 85 милиони луѓе во нашата земја. Вашата волја стана турска сила, неуништлива сила“, рече Ердоган, обраќајќи се до поддржувачите во Истанбул.
Во бројки, Ердоган има освоено околу 27 милиони гласови, а Киличдароглу 24,8 милиони.
Турскиот јавен сервис ТРТ јави дека излезноста била 84,88 отсто.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан му ја честиташе изборната победа на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Честитки, господине претседателе!“, напиша Орбан на турски јазик.
Американскиот претседател Џо Бајден, претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен му честитаа на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за победата во вториот круг од претседателските избори.
„Му честитам на реизборот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Со нетрпение очекувам да продолжи соработката како сојузник на НАТО за билатерални прашања и заеднички глобални предизвици“, напиша Бајден на Твитер.
Турската висока изборна комисија претходно синоќа соопшти дека по 99,43 отсто отворени гласачки кутии, Ердоган освоил 52,14 отсто од гласовите, додека неговиот ривал, опозицискиот кандидат Кемал Киличдароглу, 47,86 отсто од гласовите.
Изборната комисија соопшти дека Ердоган добил повеќе од два милиони гласови повеќе од Киличдароглу.
И украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа му ја честиташе победата на турскиот претседател во вториот круг од претседателските избори, со порака дека Украина смета на натамошно зајакнување на стратешкото партнерство и соработка меѓу двете земји.
„Му честитам на претседателот Ердоган за неговата победа на претседателските избори. Сметаме на натамошно зајакнување на стратешкото партнерство во корист на нашите земји, како и на зајакнување на соработката за безбедност и стабилност на Европа“, рече Зеленски на Твитер.
Подготвено од А.Ѓ.