03.05.2023 Скопје
Европската комисија соопшти дека до 5 јуни има поставено ограничувања за увоз на украински земјоделски производи, со цел да се ублажи проблемот што настана со вишокот жито во Бугарија, Полска, Романија, Унгарија и Словачка.
Извршното тело на Европската унија објави дека во тој период украинското жито може да се продава во која било друга земја членка на ЕУ, освен во споменатите пет, кои се пожалија дека евтината цена на украинското жито им штети на нивните земјоделци.
ЕУ претходно го олесни целиот увоз на стоки од Украина за да помогне во напорите на земјата да се одбрани од руски напад.
Од Комисијата посочуваат дека производите можат да продолжат да транзитираат низ овие пет земји-членки на ЕУ преку заеднички царински транзит во или надвор од земјата на ЕУ.
Мерките на Комисијата вклучуваат и пакет за поддршка во вредност од 100 милиони евра за земјоделците во пет земји од ЕУ.
ЕК, која инаку е задолжена за трговијата во рамките на ЕУ, рече дека може да дозволи продолжување на ограничувањата за увоз на жито во овие пет земји, доколку продолжат вонредните околности.
Подготвено од А.Ѓ.