11.05.2023 Скопје
Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, му даде целосна поддршка на актуелниот претседател на Турција, Реџеп Таип Ердоган на претстојните претседателски и парламентарни избори во таа земја, истакнувајќи ја неговата улога и ангажман во зачувувањето на мирот и безбедноста во регионот.
„Претседателот Ердоган е човек на мирот и дијалогот кој е цврсто посветен на стабилизирање на ситуацијата во регионот и светот. Тој е исто така еден од лидерите со кои споделуваме важни позиции и особено го цениме неговиот став за почитување на Дејтонскиот Мировниот договор и Уставот на Босна и Херцеговина“, рече Додик.
Тој укажа и на пријателскиот однос на Ердоган кон Република Српска и Босна и Херцеговина, без заземање страна, како и неговата поддршка за дијалог меѓу домашните политичари, а не за наметнување решенија и мешање во внатрешните работи.
„Затоа ги поканувам граѓаните на Турција кои се по потекло од нашите простори да гласаат на изборите на 14 мај за претседателот Ердоган, кој во изминатиот период го потврди своето лидерство грижејќи се за својата земја. Благодарение на неговата упорност, патриотизам и одлучност Турција денес е напредна и модерна земја“, рече Додик, изразувајќи уверување дека граѓаните на Турција се свесни дека актуелниот претседател може да им обезбеди долгорочна стабилност и просперитет.
Претседателските и парламентарните избори во Турција ќе се одржат на 14 мај. Покрај Ердоган, на листата на претседателски кандидати се и Кемал Киличдароглу, предложен од шестпартиската опозициска алијанса, Мухарем Инџе од партијата Татковина и Синан Оган од Алијансата АТА.
Вториот круг од изборите ќе се одржи на 28 мај доколку ниту еден кандидат не добие 50 отсто од гласовите.
Подготвено од А.Ѓ.