10.05.2023 Скопје
Десетици илјади луѓе се принудени да ги напуштаат своите домови во Судан секој ден како резултат на конфликтот што избувна на 15 април меѓу војската на Абдел Фатах ал Бурхан и Силите за брза поддршка (РСФ) на Мохамед Хамдан „Хемети“ Дагало.
Откако со години наназад примија над 1,1 милион луѓе кои бегаат од африканските војни и кризи на Блискиот Исток, рангирана на четвртото место во Африка по бројот на прием (по Јужна Африка, Брегот на Слоновата Коска и Уганда), денес Судан доживува спротивна динамика, при што појдовните текови се зголемуваат од ден на ден.
Од почетокот на војната, според Обединетите нации, не помалку од 150.000 луѓе избегаа од Судан, а уште 860.000 се очекува да побегнат во соседните држави, барајќи засолниште од конфликтот што досега остави најмалку 600 мртви и 5.000 повредени.
Главно прашање е каде ќе пребегаат цивилите од Судан?
Чад и Либија остануваат помалку лесни избори затоа што на еден или друг начин го блокираа преминот – првиот со затворање на границите неколку часа по почетокот на борбите, вториот со зајакнување на прекуграничните полициски контроли, како одговор на стравот од можно проширување на конфликтот на соодветните територии.
Оправдан страв, според неколку аналитичари, и од присуството на арапски елементи во чадските вооружени групи непријателски настроени кон воената хунта на власт во Нџамена, како и од движењата на неодамнешните вооружени формации на границата меѓу Чад и Централноафриканската Република, или повторно од незанемарливата улога што суданските бунтовнички групи во Дарфур би можеле да ја одиграат во општиот контекст, што би можеле да одлучат да интервенираат доколку конфликтот ескалира, иако досега тие не заземале страна.
Египет, од своја страна, изјави дека досега има примено 67.000 луѓе кои побегнале од Судан, што е 60 отсто од вкупниот број, бројки кои со одредено несогласување ги потврдува и Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР).
Меѓу соседните земји, еден од најсилните притисоци паѓа врз Етиопија, каде од 21 април досега пристигнаа повеќе од 15.700 луѓе од над 60 националности.
Ако на крајот на март во Судан биле регистрирани 72.000 Етиопјани, хуманитарната агенција на Обединетите нации, известува дека сега притисокот на пристигнувањата тежи пред се врз пограничниот град Метема, дури и ако неколку стотици луѓе изберат да транзитираат од Курмук, во Бенишангул-Гумуз.
Во меѓувреме, со 860.000 луѓе кои се очекува да избегаат од борбите во Судан, УНХЦР и партнерите покренаа апел за 445 милиони американски долари средства кои се сметаат за неопходни за помош на раселените лица до следниот октомври.
Планот, развиен од ОН заедно со 134 партнери, предвидува дека околу 860.000 бегалци ќе имаат потреба од помош, а повеќето од пристигнувањата се очекуваат во Египет и Јужен Судан.
Според УНХЦР, потребно е итно финансирање, со оглед на брзиот развој на конфликтот и фактот што 61 отсто од здравствените установи во Картум се затворени или не можат да даваат здравствени услуги, што додатно го влошува конфликтниот биланс кој секојдневно продолжува за се зголемува.
Подготвено од М.Н.