Image by wirestock on Freepik

24.05.2023 Скопје

Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) денеска и утре одржува седница на чиј дневен ред, меѓу останатите е и расправата и гласањето по Извештајот за напредокот на Република Северна Македонија на известувачот на ЕП за земјава, бугарскиот европратеник Илхан Ќучук, изработен по извештајот на Европската комисија, во кој се поздравува континуираната посветеност на државата за интеграција во Унијата, а истовремено се повикува на смиреност, достоинство и зрелост во билатералните односи.

Во нацрт-текстот на европратеникот Ќучук се нагласува дека проширувањето на ЕУ е геостратешка инвестиција во долгорочен мир, а државата се наведува како сигурен партнер за спроведување на трајни реформи на европскиот пат.

Во документот се поздравува континуираната посветеност на земјава за интеграција во Унијата, која се заснова на одржлив напредок во обезбедувањето на демократијата, владеењето на правото и основните права, додека се движи кон меѓусекторско усогласување на политиките.

Во извештајот исто така се поздравува „добро воспоставената хармонија меѓу заедниците во Република Северна Македонија“ и се повикува земјата да ја задржи својата долгогодишна посветеност на мултикултурализмот и инклузијата.

До носителите на политички одлуки и до општествата во Бугарија и Република Северна Македонија се упатува апел да преземат заедничка одговорност и да ја вратат позитивната агенда меѓу двете земји во духот на Договорот за пријателство, и се изразува поддршка за продолжување на дипломатскиот и социјалниот дијалог со цел со добра волја да се решат билатералните разлики.

На документот, во кој 2030 година се споменува како датум кога земјата би требало да ги исполни условите за членство во ЕУ, се поднесени 320 амандмани кои треба да бидат разгледани од членовите Комитетот за надворешни работи.

Подготвено од М.Н.

About Author