15.05.2023 Скопје
Специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, кој минатата недела ги посети Приштина и Белград, изјави дека претстојниот денешен состанок во Брисел е добра можност да се постигне договор за конкретни следни чекори.
Во Брисел денеска ќе се состанат шефовите на преговарачките тимови на Србија и на Косово, Петар Петковиќ и Бесник Бислими во рамките на продолжувањето на дијалогот меѓу Белград и Приштина под покровителство на Европската унија.
Последниот состанок во Брисел се одржа на 2 мај, на кој учествуваа Вучиќ и Курти, а беше усвоена и Декларацијата за исчезнати лица, но не беше постигнат напредок по прашањето за Заедницата на општините со српско мнозинство на Косово.
Мирослав Лајчак, кој минатата недела прво престојуваше во Приштина, изјави дека имал „важна дискусија во врска со нацрт-статутот на Заедницата на српските општини“ со премиерот на Косово, Албин Курти.
Потоа во Белград на средбата со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и директорот на Канцеларијата на Владата на Србија за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, разговарале за натамошниот начин за спроведување на договорот.
Подготвено од М.Н.