https://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/9/9c/Top_of_Statue_of_Saints_Cyril_and_Methodius_in_T%C5%99eb%C3%AD%C4%8D%2C_T%C5%99eb%C3%AD%C4%8D_District.jpg

24.05.2023 Скопје

Денеска се одбележува Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј, кои се основоположници на словенската писменост и литература и се заслужни за културниот развој на сите словенски народи.

Поради нивните заслуги за христијанството Светата црква ги прогласила за рамни на апостолите, а денот одбележува со повеќе настани под мотото „Писмото е нашиот универзум“.

Кирил и Методиј се родени во Солун, во семејство на висок византиски службеник. Татко им Лев бил помошник на командантот на Солунската област, а мајка им Марија потекнувала од угледна фамилија.

За двајцата браќа најважна е Моравската мисија, којашто е важна и за иднината на сите Словени. Иницијатива за оваа мисија предложил моравскиот кнез Ростислав кој за да ја стабилизира својата држава на политички план преземал мерки за решавање на црковното прашање.

За организација на црквата во својата земја тој побарал помош од Византија. Замолил да му испратат луѓе кои божјото слово ќе го проповедаат на разбирлив словенски јазик, а побарал и епископ кој би ја организирал црквата да стане самостојна во однос на Рим.

Но и Византија имала свој интерес па во тоа време на заострување на односите во самата христијанска црква, а за да не дојде до натамошен раскол му испратиле само учители мисионери, но не и епископ. Тие мисионери биле Кирил и Методиј.

Тогаш Словените немале букви, така што Кирил морал да состави и азбука и да ги преведе неопходните книги на словенски јазик. За составување на оваа прва словенска азбука (глаголицата), за првите преводи од грчки на словенски јазик Кирил го искористил јазикот на македонските Словени од Солун и околината.

Кирил починал во Рим на 27/14 февруари 869 година и денес неговите мошти почиваат во римската црква „Свети Климент“, а неговиот брат Методиј починал на 19/6 април 885 година и бил погребан во моравската престолнина Велеград.

Подготвено од М.Н.

About Author