12.05.2023 Скопје
Во текот на вчерашниот ден, чешката влада претстави обемна даночна и пензиска реформа наменета да го спречи зголемениот јавен долг поради пандемијата на Ковид и војната во Украина.
Претставувајќи ја програмата „Чешка во облик“, премиерот Петр Фиала рече дека нејзината цел е „фундаментално да се смени трендот на растечки долг“ и да се направи пензискиот систем одржлив.
„Темпото на растот на долгот во нашата земја е ужасно“, им рече Фиала на новинарите.
Членката на ЕУ од 10,5 милиони луѓе беше тешко погодена од пандемијата Ковид-19 и неколку месеци беше на врвот на глобалната статистика за смртни случаи по глава на жител. Во 2019 година, пред пандемијата да ја погоди Европа, долгот на чешката влада достигна 28,3 отсто од бруто домашниот производ (БДП). Минатата година изнесуваше 42,6 отсто.
Владата ќе ги намали трошоците во владиниот сектор, ќе ги ограничи субвенциите и ќе го зголеми данокот на недвижен имот и даноците на корпоративни приходи од 2024 година. Ќе воведе и измени за продолжување на старосната граница за пензионирање.
Министерот за труд и социјала Маријан Јуречка рече дека старосната граница за пензионирање ќе биде поставена врз основа на очекуваниот животен век од 2025 година, наспроти сегашните 64 години. Просечниот Чех треба да добие пензија 21,5 години. Воедно, додаде дека околу 2050 година ќе има по еден вработен на еден пензионер, затоа „промената е клучна“, потенцирајќи дека државата ќе ги заостри и правилата за предвремено пензионирање.
„Владата на Фиала, исто така, ќе ги замени сегашните три стапки за данок на додадена вредност (ДДВ) од 10, 15 и 21 отсто со две поставени на 12 и 21 отсто“, рече министерот за финансии Збинек Станјура.
Виталните добра како што се прехранбените производи, домувањето и здравството ќе се оданочуваат со 12 отсто наспроти сегашните 15 отсто. Владата, исто така, очекува да ги зголеми даноците за алкохол, тутун и коцкање, а го укина и ДДВ за книгите.
Централнодесничарската влада на Фиала, која е на функција од крајот на 2021 година, ја поддржа Украина откако беше нападната од Русија во февруари 2022 година. Таа и обезбеди на Украина значителна воена и хуманитарна помош и прими речиси 500.000 воени бегалци, што исто така имаше ефект врз нејзините трошоци.
Економскиот план треба да биде усвоен од парламентот, но се очекува да помине лесно бидејќи владата има мнозинство од 108 гласови во 200-члениот долен дом.
Владата на Фиала неодамна се најде на удар на гласачите со ниски приходи кои организираа неколку митинзи во Прага поради рекордната инфлација и падот на животниот стандард.
Подготвено од А.Ѓ.