stanoviii

09.05.2023 Скопје

Републичкиот геодетски завод на Србија објави дека цените на становите во Србија во првиот квартал од годинава се за 13,62 отсто повисоки од истиот период лани, додека во однос на четвртиот квартал од минатата година се зголемени за 2,57 отсто.

Иако растот продолжи, по двегодишното проширување, цените на становите пораснаа нешто помалку во првиот квартал во однос на крајот на минатата година, а има и помал број регистрирани продажби на станови.

Оваа промена, според оценката на „РГЗ“, придонесува за намалување на учеството на купување станови финансирано со кредити, од 21 отсто во четвртиот квартал од 2022 година на 18 отсто од продадените станови во првиот квартал од годинава, што е последица на порастот на каматните стапки.

Гледано во регионите, споредено со истиот период лани, цените на становите се зголемени во Војводина за 14,89 отсто, во Белград за 13,27 отсто, во Шумадија и Западна Србија за 11,24 отсто, а како и во претходните неколку квартали, најголем раст на цените има евидентирано во Јужна и Источна Србија и изнесува 15,74 отсто.

Цените на становите во новоградбите, односно набавките од инвеститори, на ниво на Србија се зголемени за 10,48 отсто во однос на истиот период лани, додека старите згради имаат повисок раст на годишно ниво и изнесува 15,4 отсто.

При споредбата на индексот на цените на становите во Србија со индексите во европските земји, Србија е една од ретките која покажала поголема отпорност на наглите промени во трендот на пазарот на недвижности поради светските економски турбуленции, наведуваат од „РГЗ“ и додаваат дека според расположливите податоци, голем број земјава веќе бележи драстично забавување или пад на пазарот на недвижности на крајот на минатата година.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author