slovenci

02.05.2023 Скопје

Официјалните статистички податоци покажуваат дека намалувањето на наталитетот не го спречи растот на населението во Словенија, бидејќи се зголеми бројот на странци, кои сега сочинуваат 9 отсто од вкупното население.

Словенечкото население во јануари е зголемено за речиси 10.000 во однос на претходната година, но додека бројот на словенечки државјани е намален за речиси 7.600, бројот на странски државјани е зголемен за 17.400.

Уделот на странците во словенечкото население постојано се зголемува во текот на изминатата деценија, од нешто повеќе од 4 отсто во 2012 година на околу 8 отсто во 2021 година.

Кај странците во Словенија речиси 80 отсто се од земјите на поранешна Југославија, 12 отсто се од ЕУ, а само 8 отсто се од други земји.

Лани најмногу се зголемил бројот на граѓани на Украина, за речиси 6.100 или 250 отсто, односно од 2.440 на 8.540.

Бројот на новопристигнати речиси двојно се зголеми во последниот квартал од 2022 година во споредба со претходната година, на 13.481, главно поради тоа што владата го продолжи статусот на привремена заштита на раселените лица од Украина до 4 март 2024 година.

Според овој критериум, речиси 6.000 Украинци кои пристигнале во Словенија од почетокот на војната меѓу Русија и Украина биле класифицирани како жители на Словенија во последниот квартал од минатата година.

Во последниот квартал од 2022 година, природниот прираст во Словенија беше негативен и изнесуваше минус 3,2, но сепак ова е подобрување во однос на минус 3,9 една година порано. За 10 отсто е намален бројот на родени, а за 12 отсто на умрените.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author