16.05.2023 Скопје
Српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека се важни навремените, адекватни и видливи реакции на ОН на бројни инциденти, провокации и еднострани акти на Приштина.
Во разговорот во Белград со потсекретарот на ОН за мировни операции Жан-Пјер Лакро и со шефицата на Мисијата на УНМИК, Каролин Зиаде, Брнабиќ даде голем број примери на инциденти кои ги зголемуваат тензиите.
Владата на Србија соопшти дека Брнабиќ има истакнато дека за Србија од клучно значење е да продолжи ангажманот на мисијата на УНМИК во несмален обем и со непроменет мандат.
Брнабиќ истакна дека ОН се најважната меѓународна организација за Србија и дека се потпира на нивното влијание во однос на зачувување на изворните вредности на Повелбата, особено на делот за почитување на територијалниот интегритет и суверенитет и резолуцијата 1244 на Советот за безбедност.
Зборувајќи за продолжувањето на дијалогот меѓу Белград и Приштина, таа рече дека е неопходно Приштина да ги исполни сите обврски преземени од Договорот од Брисел.
Владата на Србија соопшти дека на средбата се разговарало за учеството на Србија во мировните операции ширум светот, како и за продолжување на ангажманот на УНМИК на Косово и Метохија.
Брнабиќ рече дека Србија континуирано придонесува за светскиот мир, безбедност и почитување на меѓународното право со учество во мултинационалните операции на ОН и ЕУ.
Лакро зборуваше високо за придонесот на Србија за мирот и безбедноста во светот со учеството во мултинационални операции под мандат на ОН, кои, како што оцени, често повлекуваат непосредна опасност.
Зијаде рече дека се согласува оти УНМИК се соочува со бројни предизвици, како и дека го поддржува продолжувањето на разговорите во Брисел за да се постигне конструктивен напредок.
Подготвено од А.Ѓ.