16.05.2023 Скопје
„Драматичните настани, како што се неодамнешните трагедии во Србија, се остар потсетник за важноста да се работи заедно во борбата против трговијата со мало оружје и нивните трговци“, рече потпретседателот на Европската комисија, Жозеп Борел, отворајќи го четвртиот состанок на високо ниво за Регионален патоказ за сеопфатна контрола на малото и лесно оружје (SALV) во Западен Балкан.
Изразувајќи го своето сочувство до жртвите од неодамнешните трагични инциденти во Србија во име на Европската комисија, Борел укажа на суровата реалност.
„Некој може да помисли дека такви работи не се случуваат во Европа. Но, да, за жал, се случуваат. А за да се случи вакво нешто, сторителите мора да имаат оружје. Затоа ваквите драматични настани се силен потсетник за важноста да се работи заедно во борбата против трговијата со мало оружје и шверцерите“, рече Борел.
Тој оцени дека заедничката работа на ова ќе ја направи Европа побезбедна и ја истакна важноста на кампањата за собирање нелегално оружје, која Владата на Србија ја започна со поддршка на Европската унија.
„Ова покажува колку е вредна и важна нашата безбедносна соработка во придонесот за безбедноста на нашите граѓани“, тврди тој.
Борел инсистира дека илегалната трговија со оружје е „сериозна закана за мирот и стабилноста“, „повеќекратна закана што влијае на стабилноста на регионите, државите и општествата и го зголемува ризикот од терористички напади“.
„Мораме да се бориме против тоа од повеќе агли, со сите наши средства и преку сите граници, истовремено обезбедувајќи дека мерките преземени по ваквите трагични инциденти остануваат во согласност со меѓународните стандарди. Ние споделуваме заедничка цел – да ја зголемиме европската безбедност, да ги заштитиме сите наши граѓани – и во Европската унија и во нашите идни земји-членки Убедени сме дека нема да има безбедна Европска унија без стабилен, силен и мирен Западен Балкан“, рече Борел и повика на заедничка соработка.
Тој додаде дека од 2002 година до денес, Европската унија инвестирала над 38 милиони евра во активности за контрола на оружјето во регионот на Западен Балкан.
„Сакам да им оддадам признание на нашите партнери од Западен Балкан, бидејќи ја презедовте сопственоста на Патоказот како инвестиција во вашиот регион и во вашите граѓани“, рече тој, додавајќи дека е постигнат „значаен напредок“ во сите области.
„Мислам дека сме на вистинскиот пат. Патоказот стана план и за другите региони во светот и тоа е нешто на што треба да се гордееме“, вели Борел.
Тој нагласи дека ЕУ сака да продолжи да го поддржува тој Патоказ и по 2024 година, кога ќе истече, и додаде дека Советот на Европската унија во ноември минатата година за тој проект издвоил дополнителни 4 милиони евра во следните три години.
„Следната година заедно со земјите-членки ќе размислиме како понатаму да го поддржиме тој процес, бидејќи за жал нема да можеме да го решиме“, заклучува Борел.
Подготвено од А.Ѓ.