angelova ukim

31.05.2023 Скопје

Конечните резултати од вчерашното гласање за нов ректор, кој се одржа на 23 факултети и 5 институти, покажаа дека професорката на Економскиот институт Билјана Ангелова е новиот ректор на најстариот и најголем универзитет во земјава „Св. Кирил и Методиј“.

Ангелова досега ја вршеше функцијата проректор за финансии, а ректор ќе биде до 2026 година, поточно ќе има тригодишен мандат.

Професорката на Економскиот институт Билјана Ангелова има добиено најмногу гласови од шестмината кандидати за нов ректор. Во трката за оваа позиција освен Ангелова беа и проф. д-р Ратко Дуев и проф. д-р Горан Ајдински од Филозофскиот факултет, проф. д-р Христина Спасевска од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) и актуелна проректорка за настава, проф. д-р Димитар Ташковски исто така од ФЕИТ и проф. д-р Атанас Кочов од Машинскиот факултет.

Право на глас на денешните избори за нов ректор имаа 1.426 гласачи – редовни, вонредни професори, доценти и студенти – членови на универзитетски студентски собранија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Според конечниот записник, правото на глас го оствариле 1.251 лица. Најмногу поени освоила Ангелова (1958), двојно помалку освоил Ташковски (888), потоа Ајдински (866), Спасевска (784), Кочов (643), а најмалку поени има Дуев (459).

Ангелова доаѓа на на местото на д-р Никола Јанкуловски, професор на Медицинскиот факултет, кој за првпат беше избран за ректор во 2016 година, а во 2020 година беше реизбран со нов мандат од три години.

Откако постои најстариот универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Ангелова ќе биде втора жена ректорка. Од 1996 до 1998 година на чело на УКИМ беше проф. д-р Радмила Кипријанова.

Во програмата за развој на УКИМ, на 40 страници, Ангелова пишува дека ќе се залага Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ да биде отворен за секој член на академската заедница и да има ефикасен сервис на неговите единици.

Таа навела дека ќе се залага за унапредување на квалитетот на наставата, за подобрување на условите за студирање на единиците на универзитетот, како и за унапредување на научно-истражувачката дејност и за подобрување на рангирањето. Освен тоа, приоритет ѝ е и интернационализацијата, преку вмрежување и пристапување кон европските алијанси на универзитети и промовирање на европски вреднос

Како клучни цели кои ќе ги реализира се и ориентацијата кон истражувања, развој на иновации и трансфер на технологии, зајакнување на соработката со бизнис секторот, поддршка на уметничките факултети и поддршка за развој на универзитетскиот спорт.

Инаку, пред само петнаесетина дена, УКИМ беше рангиран на 1.990-то место на листата на 2.000 најдобри универзитети во светот за 2023 година, на листата што ја објави Центарот за рангирање на светски универзитети (CWUR).

Подготвено од А.Ѓ.

About Author