18.05.2023 Скопје
Американскиот претседател Џо Бајден најави дека е уверен дека тој и конгресмените од Републиканската и Демократската партија ќе постигнат договор за буџетот и дека САД ќе го плати својот долг.
„Ќе се обединиме затоа што немаме алтернатива. Да бидеме јасни, овие преговори се за буџетските рамки, а не за тоа дали ќе ги платиме долговите или не“, рече американскиот претседател.
Тој посочи дека лидерите на двете партии се согласиле дека нема да дозволат САД да дојде во ситуација да не може да ги плати долговите.
Американскиот министер за финансии Џенет Јелен претходно предупреди дека американската влада би можела да остане без пари до 1 јуни доколку Конгресот не го подигне или суспендира плафонот на долгот.
Долгот на федералната влада моментално изнесува 31,4 трилиони долари.
„Постигнувањето на границата на долгот би значело дека американската влада повеќе не е во состојба да позајмува пари и, во исто време, би ја ставила во ситуација да не може да го отплати долгот, што би ги разнишало глобалните финансиски пазари и би ја поткопало довербата во Америка како глобален деловен партнер“, истакна Бајден.
Подготвено од А.Ѓ.