26.05.2023 Скопје
Професорот д-р Атанас Кочов од Машински факултет, кој е кандидат за нов ректор, истакна дека Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, кој е потиснат од проблеми, може да се трансформира и повторно да биде престижен со огромни можности и за вработените и за студентите, потенцирајќи дека со лидерство може многу да се постигне.
„Веќе три години УКИМ функционира без внатрешен ревизор. Ако сме подготвени да ги направиме промените и да си направиме внатрешна контрола во работењето, во организирањето на инфраструктурата, тогаш може „Св. Кирил и Методиј“ да го направиме богат Универзитет“, истакна д-р Кочов.
Идејата на професорот е недвижниот имот со кој располага УКИМ да се стави во функција преку јавно приватно партнерство.
„Потребен е претприемнички дух и храброст за да се преземат одредени ризици. Гледаме во каква состојба е државата, и економски и општествено. Не можеме да очекуваме дека оттаму ќе добиеме кредит, или дека на УКИМ ќе му се дадат некои средства. Затоа мора да видиме што можеме самите да направиме. Што се однесува до финансиите, тоа е едниот столб. Вториот столб е имплементирање на она што Европа го бара од нас, за да дојдеме до фондовите што ги нуди. И, конечно, да ги ослободиме луѓето од стравот дека пет отсто од средствата што ќе ги добијат за некој проект, ќе им ги задржиме за менаџирање. Тоа е случува во моментот и воопшто не е фер. Згора на тоа, УКИМ нема канцеларија за меѓународна соработка, а зборуваме за меѓународни проекти и рангирање“, тврди д-р Кочов.
Поместувањето на работите, раздвижувањето, во најголемиот дел зависат од лидерот.
„Тој треба да ги иницира сите вработени и заедно со нив да се бори за подобро утре. А не за измена на законот и за продолжување на мандатот на менаџерскиот тим. Последните напори беа за тоа – да се промени старосната граница за пензионирање, да се зголемат мандатите од три на четири години… што воопшто не е приоритет во моментот. Според моето гледање на нештата, приоритет е како да се подобри научно-истражувачката инфраструктура, како да го подобриме квалитетот на високото образование, како да им обезбедиме на вработените дигитализација на процесите“, убеден е тој.
Доколку ја добие довербата, Кочов најавува и промени во односот кон студентите
„Мора да го менуваме пристапот, кој не може да биде професор-книга-студент. Наместо тоа, од професорот треба да произлезе широка понуда на литература. Да имаат студентите поголем избор и да читаат повеќе. Ги научивме студентите да не читаат, туку да се оди на pawerpoint презентации на една единствена книга. Во Америка професорот дава повеќе книги и студентот чита и може да направи разлика, му се даваат опции. Тоа мора што побрзо да го направиме преку електронските библиотеки, да им ги отвориме видиците на нашите студенти“, додаде тој.
Но, не може да се бара од нив знаење, а да немаат услови за учење.
„Важен е стандардот на студентите. Немаме студентски домови, а може да направиме на некој од имотите на УКИМ. Со јавно приватно партнерство, со заинтересиран инвеститор. Не може да очекуваме успех од децата ако нема услови. Мора максимално да се потрудиме да им ги обезбедиме сите можни – човечки услови за творење и работење. Дали тоа ќе бидат мали студентски домови по кампусите, дали ќе бидат поголеми, или во партнерство со државните, сеедно. Важно е ние како Универзитет да се погрижиме сите студенти кои не се од Скопје да имаат добри услови. Училници со компјутерска опрема, културни, спортски центри. На УКИМ имаме сала отворена во 2015, која не се користи. Поради нерешени имотно-правни односи, пропадна. Од друга страна, Факултетот за физичка култура мака мачи со простор. Згора и двете згради пред Ректоратот седум-осум години стојат недовршени“, наведува професорот.
Исто така, смета дека внатрешното реорганизирање од аспект на приходите мора да биде насочено кон целосно подобрување на условите, кое ќе го почувствуваат вработените.
„Никогаш досега личните доходи не биле на толку ниско ниво. Ако ги споредиме платите, професор на УКИМ прима меѓу 700 и можеби илјада евра. Мојата пата е 55 илјади денари, со 35 години стаж. Од друга страна, колегите од штипскиот или тетовскиот универзитет имаат над илјада евта плата. А, колегите во Црна Гора 2.900 евра“, нагласи д-р Кочов.
Подготвено од А.Ѓ.