09.05.2023 Скопје
Светот денеска го одбележува Денот на победата над фашизмот. На 9 мај 1945 година со потпишувањето на безусловна капитулација на нацистичка Германија, официјално беше ставен крај на Втората светска војна во која учествуваа 61 земја, со вкупно 2,1 милијарда жители или 96 отсто од светското население и истата однесе повеќе од 50 милиони животи.
Денот на Европа е воспоставен како ден на сеќавање на Декларацијата на францускиот министер за надворешни работи Роберт Шуман во 1950 година, што се смета за прв важен чекор во настанувањето на ЕУ.
Безусловната капитулација на Третиот Рајх е потпишана во разурнатиот Берлин, само неколку минути по полноќ, на 9 мај. Капитулацијата во име на Врховната германска команда ја потпишаа фелдмаршалот Вилхелм Кајтел, генералот Ханс Јирген Штумпф и адмиралот Ханс Георг фон Фридебург. Од страна на сојузниците договорот го потпишаа рускиот маршал Георги Жуков и британскиот генерал Артур Тедер.
Од над 50-те милиони жртви, 20 милиони беа од тогашниот Советски сојуз, а повеќе од 30 милиони беа цивили. Во нацистичките логори беа убиени околу 12,5 милиони луѓе, од нив шест милиони Евреи. Материјалната штета од Втората светска војна само во Европа беше проценета на околу 260 милијарди американски долари.
На Далечниот исток, војната заврши дури на 2 септември 1945 година, кога Јапонија капитулираше по бомбардирањето Хирошима и Нагасаки со дотогаш непознатото оружје, атомската бомба.
Република Северна Македонија за време на Втората светска војна беше на страната на антифашистичката коалиција. Во борбите против фашистичките окупатори, според проценките на историчарите, во Република Северна Македонија загинале 33.000 луѓе, вклучувајќи ги и преку 7.000 македонски Евреи, кои беа депортирани во концентрацискиот логор Треблинка.
Денот на победата е празник кој го одбележува предавањето на Германија во 1945 година. Првпат беше инаугуриран во 15 републики на Советскиот Сојуз, по потпишувањето на капитулацијата на Германија доцна во вечерните часови на 8 мај 1945 година. Советската влада ја објави победата рано на 9 мај по церемонијата на потпишување во Берлин. Иако официјалната инаугурација се случи во 1945 година, празникот стана неработен ден дури во 1965 година и само во одредени советски републики.
Во Источна Германија, 8 мај бил одбележан како Ден на ослободување од 1950 до 1966 година, а повторно беше прославен на 40-годишнината во 1985 година. Во 1975 година, „Денот на победата“ во советски стил се славеше на 9 мај. Од 2002 година, германската држава Мекленбург-Западна Померанија го одбележа денот на комеморацијата познат како Ден на ослободување од националнсоцијализмот и крај на Втората светска војна.
Руската Федерација официјално го призна 9 мај од формирањето во 1991 година и го смета за неработен ден, дури и ако падне за викенд, во тој случај секој нареден понеделник ќе биде неработен. Празникот се славеше и таму, додека земјата беше дел од Советскиот Сојуз.
Капитулацијата на Германија била потпишана двапати. Првичен документ бил потпишан во Ремс на 7 мај 1945 година од Алфред Јодл (началник на канцеларијата на германскиот ОКВ) за Германија, Волтер Бедел Смит, во име на Врховниот командант на сојузничките експедитивни сили и Иван Суслопаров, во име на Советската висока команда, во присуство на францускиот генерал мајор Франсоа Севез како официјален сведок. Бидејќи Советската висока команда не се согласила со текстот на предавање, и затоа што Суслопаров, релативно низок офицер, не бил овластен да го потпише овој документ, СССР побара во Берлин да биде потпишан втор, ревидиран документ за капитулација. Јосиф Сталин изјавил дека Советскиот Сојуз сметал дека предавањето во Ремс е прелиминарен документ, а Ајзенхауер веднаш се согласил со тоа. Друг аргумент бил дека некои германски трупи го сметале документот од Ремс само за предавање на западните сојузници, а борбите продолжиле на Исток, особено во Прага.
Втората церемонија за предавање била организирана во предградието на Берлин доцна на 8 мај, кога веќе било 9 мај во Москва заради разликата во часовните појаси. Маршалот Вилхелм Кајтел, началник на ОКВ, го потпишал последниот германски документ за предавање, кој исто така го потпишал маршал Георгиј Жуков, во име на Врховната висока команда на Црвената армија, и воздухопловниот началник, маршал Артур Тедер, во име на сојузничките експедитивни сили, во присуство на генералот Карл Спац и генералот Жан де Латре де Тасињи, како сведоци. Предавањето било потпишано во седиштето на Советската армија во Берлин-Карлшорст. И англиската и руската верзија на документот за предавање потпишани во Берлин се сметаат за автентични текстови.
Ревидираниот берлински текст од документот за предавање се разликува од прелиминарниот текст потпишан во Ремс во експлицитното барање за целосното разоружување на сите германски воени сили, и предавање на оружјето на локалните воени команданти на сојузничките сили.
И двата документи од Ремс и Берлин бараат силите под германска контрола да престанат со активни операции во 23:01 часот по средноевропско време на 8 мај 1945 година. Сепак, поради разликата во часовните појаси во Средна Европа и во Москва, крајот на војната се слави на 9 мај во СССР и повеќето постсоветски земји.
За да ја одбележат победата во војната, церемонијалната Московска парада на победата се одржала во главниот град на Советскиот Сојуз на 24 јуни 1945 година.
Подготвено од А.Ѓ.