https://www.facebook.com/photo?fbid=788520159311592&set=pcb.788514909312117

08.05.2023 Скопје

Од денеска до 10 мај во Охрид ќе се одржува 50-та Европска регионална конференција на ИНТЕРПОЛ.

„Особено сме горди на фактот што одржувањето на јубилејната 50-та Европска регионална конференција на ИНТЕРПОЛ во нашиот бисер Охрид, во Република Северна Македонија, се поклопи со одбележувањето на 30-годишнинатата од нашето членство во најголемата полициска организација во светот и искрено ви благодарам на укажаната чест, што со вашето присуство ја збогативте прославата на Денот на македонската полиција – 7 Мај“, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на отварањето на 50-та Европска регионална конференција на ИНТЕРПОЛ.

„Кога зборуваме за принципи и развој на демократското општество, едноставно не може, а да не се осврнеме на вложувањето и унапредувањето на безбедносниот систем, како основа на владеење на правото. Доказ за направените амбициозни и сериозни реформи се намалувањето на криминалитетот и постигнатите одлични показатели во справувањето со современите безбедносни предизвици, како резултат на зголемената ефективност на полицијата на Република Северна Македонија. Така, покрај организираниот криминал, илегалната миграција, трговијата со дрога и оружје, во последниов период се’ почесто можеме да зборуваме и за сајбер криминалот, хибридните закани, а секако и за тероризмот, насилниот екстремизам и радикализам. Притоа, непобитен факт е дека оваа борба против целокупните современи глобални предизвици е зајакната, поуспешна и поефикасна токму преку неопходниот глобален и регионален пристап, активната оперативна соработка и заедничките стратегии во делувањето. Впрочем, тоа го покажаа и најновите геополитички случувања на светско рамниште, кои бараат од нас сериозен заеднички одговор на предизвиците кои не’ тангираат сите нас, без исклучок“, потенцира министерот Спасовски.

Министерот Спасовски истакна и дека изминатите 30 години, „преку нашето членство во најголемата светска полициска организација сведочат за нашата посветеност и подготвеност за активна глобална полициска соработка. Цели три децении преку континуирана размена на идеи, енергии, зајакнување на нашата меѓусебна соработка, обединети во едно полициско семејство, со иста цел – глобална безбедност преку поврзување на полициите ширум светот. Бидејќи заедничка е и одговорноста за сериозен пристап во полициското делување и подготвеност за справување со сите идни предизвици“.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author