ден на македонскиот јазик

05.05.2023 Скопје

На денешен ден, 5 мај 1945 година, со Решение на Народната влада на Федерална Македонија била усвоена азбуката на македонскиот јазик, а по два месеца, Министерството за просвета го озакони првиот правопис на македонскиот јазик.

Развојот на денешната македонска азбука датира уште со појавата на глаголицата и потоа со замената на глаголицата со кирилца и со постепено развивање и усовршување на гласовно-графичкиот систем.

Македонскиот книжевен јазик е јужнословенски јазик со една од најстарите книжевнојазички традиции и службен јазик во Македонија. Спаѓа во групата на јужнословенски јазици, а го зборуваат околу 3 милиони говорници во Република Северна Македонија, Грција, Албанија, Бугарија, Австралија и други земји.

Владата на Република Северна Македонија во април 2019 година донесе одлука 5 мај да се одбележува како Ден на македонскиот јазик. Прогласувањето е во чест на Решението на Народната влада на Федерална Македонија од 1945-та за усвојување на азбуката.

Азбуката е создадена на 3 мај 1945 и е предложена на тогашната Влада. Таа ја прифатила и азбуката е официјализирана на 5 мај со објавување во весникот „Нова Македонија“, зашто во тоа време не постоел Службен весник каде што државата ги објавува своите одлуки. Објавувањето на 5 мај се смета за службен документ.

Идејата е 5 мај да е ден на македонскиот јазик од работен карактер и да се одбележува таму каде што е најпотребно, од најниските степени на образование до највисоките, со пригодни реферати, рецитали или со детали од историјата итн.

Во првата година Денот на македонскиот јазик го одбележаа две институции, Институтот за македонски јазик во рамки на традиционалната манифестација „Денови на Благоја Корубин“ со што беше организирана трибина: „Употребата на македонскиот јазик“, а Филолошкиот на 14 мај 2019 година организираше посета на родната куќа на Блаже Конески во Небрегово.

На 2 август 1944 делегатите на Првото заседание на АСНОМ го прогласиле македонскиот јазик за официјален во македонската држава. На 3 мај 1945 е усвоена македонската азбука, а на 7 јуни е усвоен македонскиот правопис, со што се стандардизира македонскиот јазик и станува јазик на државата – во тоа време Демократска Федерална Македонија која е во заедница со другите југословенски народи. Секој си имал свој државен јазик и македонскиот се издигнал на ниво на државен јазик.

Првата стандардизација е направена уште од Крсте Мисирков во 1903-та, но не заживеала, освен во неговата книга, затоа што не постоела држава за да стане стандарден јазик односно да биде јазик на администрацијата, образованието, на науката и на културата воопшто. Стандардизирањето е овозможено со создавањето на државата, со АСНОМ во 1944 година.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author