17.04.2023 Скопје
Иранските власти објавија дека затвориле повеќе од 150 продавници и ресторани за 24 часа бидејќи работничките не ја почитувале обврската да носат хиџаб.
Полицијата соопшти дека „за жал морала да запечати 137 продавници и 18 ресторани и приемни сали во земјава, поради непочитување на претходните предупредувања“ во врска со обврската за носење вел.
Властите во Иран ја воведоа новата мерка во време кога се повеќе жени се спротивставуваат на задолжителниот кодекс на облекување на Иран. Жените почнаа да го прават тоа по смртта на младата Махса Амини во септември, која беше уапсена поради кршење на строгиот кодекс на облекување.
Затворањата беа наредени еден ден откако стапи на сила новата полициска мерка која користи надзорни камери за да ги идентификува жените кои не носат хиџаб.
Носењето муслиманска марама е задолжително во Иран од Исламската револуција во 1979 година.
Подготвено од М.Н.