11.04.2023 Скопје
Претставата „Веќе не е ни смешно“ на авторот Сашо Кокаланов, а во режија на Срѓан Јаниќиевиќ, премиерно ќе биде изведена вечер (11 април) во Театарот „Комедија“.
Од Театарот „Комедија“ информираат дека „Веќе не е ни смешно“ е црна комедија за комедијата денес.
„Пиеса што ја прикажува приказната за еден комичар кој запаѓа во депресија зашто сите почнуваат да му го јадат лебот. Хуморот, неговиот занает, станува задолжителен, излитен и банален. Комичарот се наоѓа помеѓу чеканот и наковалната: од една страна свет во кој сите се смешни и имаат слобода да го истурат својот лош хумор секаде околу себе, од друга страна цензорското око на збудалената политичка коректност. Како да продолжи да твори фрлен среде океанот на универзалната смешка и со врзани раце и нозе од cancel-културата“, нагласуваат од Театар „Комедија“.
Костимограф на претставата е Лидија Георгиева, сценографијата е на Марија Ветерова, музиката е на Игор Василев-Новоградска. Играат: Атанас Атанасовски, Тино Костадиновски, Сергеј Димовски, Тони Денковски, Жаклина Петровска и Виктор Арсов.
Подготвено од А.Ѓ.