12.04.2023 Скопје
Во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје денеска ќе се одржи официјален настан за промоција на спортски саем, под мотото „Спорт за сите”, кој е организиран во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации и во партнерство со Националните сојузи и организации на лица со попреченост.
Овој спортски настан е инициран од заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, во рамки на проектот „Од знаење и образование до зајакнување и учество“ со фокус на промоција на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост и практикување на пристап заснован на човекови права, соопштија од владината прес-служба.
На саемот ќе се презентираат можностите за активно спортување на лицата со попреченост во неколку спортски федерации и спортски клубови, како и практично демонстрирање на спортските дисциплини пред посетителите, преку обиколка на промотивните штандови, кои ќе бидат поставени во спортската сала.
На настанот ќе се оддржи и панел дискусија „Спорт за сите-можности и перспективи” на која присутните ќе имаат можност активно да дискутираат за овој општествено важен сегмент.
Подготвено од М.Н.