istoriski prasanja makedonija bugarija

06.04.2023 Скопје

Во деновите пред Велигден, во вторник или среда се очекува конституирање на Народното Собрание, откако денеска Централната изборна комисија ќе ги објави официјалните резултати од изборите на 2 април.

Во предвремените парламентарни избори во Бугарија во неделата на кои најмногу гласови освои ГЕРБ на Бојко Борисов, неизвесно е формирањето на новата бугарска влада иако лидерот на ГЕРБ упати барање за коалиција со „Продолжуваме со промените, Демократска Бугарија“ со единствена цел, да се избере стабилна редовна влада.

Борисов изјави дека по врачувањето на мандатот ќе ги повика на разговор сите партии кои ќе влезат во 49 Народно собрание на Република Бугарија. Кирил Петков и Асен Василев јасно кажаа дека „Продолжуваме со на промените“ нема да поддржат кабинет со мандат или учество на ГЕРБ.

Европратеникот Илхан Ќучук од ДПС изјави дека во Бугарија мора да има здрав политички разум и да се зборува за важните теми за земјата.

„Одлуките во ЕУ не ни се наметнуваат, во нив учествуваат и бугарски политичари. Не ни требаат политичари кои преведуваат од бриселскиот јазик, туку ни требаат политичари кои се дел од агендата на Брисел и Софија“, истакна Ќучук и додаде дека повеќето политички сили кои влегуваат во 49 Народно собрание сакаат Бугарија да биде дел од Шенген и еврозоната.

Медиумите во Бугарија известуваат дека прашањето за Република Северна Македонија ќе биде една од причините за формирање влада во Бугарија.

Бугарските медиуми исто така ја пренесуваат и изјавата од портпаролот на Европската комисија од вторникот дека ЕК очекува Република Северна Македонија да го промени својот устав, обврска преземена од Скопје, за да може да ја закаже втората меѓувладина конференција, на која ќе почнат преговорите за членство на земјата во ЕУ.

Европската Комисија одби да го коментира влијанието на бугарските избори врз односите меѓу Софија и Скопје. Европската комисија работи со секоја влада избрана по демократски избори во земјите на ЕУ, прецизираше портпаролот.

Подготвено од М.Н.

About Author