13.04.2023 Скопје
Денес со почеток во 20 часот оркестарот на Националната филхармонија ќе ја изведе Симфонијата бр.5 од австрискиот композитор Густав Малер. Концертот е насловен „Благден“, а диригент е маестро Вања Ѓумар Николовски.
„Симфонијата бр. 5 на австрискиот композитор Густав Малер (1860 – 1911) е безвременско ремек-дело кое совршено ја отсликува неговата мисла „симфонијата е како светот, во неа треба да има сѐ“. Живот, љубов и смрт. Почнува да се развива од темно место, со посмртен марш на самиот почеток, кој преминува во бурен втор став. Потоа симфонијата се движи кон валцер, а Адаџетото, нејзиниот четврти став е класично љубовно писмо. Финалето е полно со енергија и живот, како чаша шампањ. Симфонијата е напишана во периодот меѓу 1901 и 1902 година. Премиерно била изведена на 18 октомври 1904 година во Келн“, информираат од Филхармонијата.
Подготвено од А.Ѓ.