03.04.2023 Скопје
Податоците на Управата за хидрометеоролошки работи покажуваат дека позитивното отстапување од средногодишните просечни температури на воздухот на национално ниво лани изнесувало 0,7 Целзиусови степени.
Акутниот проблем со глобалното затоплување бил присутен во Република Северна Македонија и во 2022 година, земајќи го во предвид фактот имало повисоки просечни температури на воздухот доколку се споредат со тридеценискиот просек за периодот 1981-2010 година.
Според извршените мерења, убедливо најтопол месец бил декември 2022 година, кога просечната температура била надмината за дури 3,8 Целзиусови степени во однос на средногодишната температура за земјава што била карактеристична за периодот меѓу 1981 и 2010 година. Поголеми отстапувања од просекот имало и во ноември, кога просечната температура на воздухот во Република Северна Македонија била за 2,7 Целзиусови степени над просекот на национално ниво.
Само четири месеци во текот на минатата година во земјава имало просечна температура на воздухот која била пониска од просечно измерените средногодишни температури за тридеценискиот период.
Според официјалните мерења на УХМР, глобалното затоплување веќе неколку години по ред има силно влијание и врз Република Северна Македонија, а измерените податоци покажуваат дека исто како и во 2022 година, натпросечни температури на воздухот во земјава биле измерени и во текот на 2021, 2020 и 2019 година.
Измерените податоци за просечното количество на врнежи во 2022 година покажува дека најголеми отстапувања имало во текот на летните месеци, кога се регистрирани натпросечни врнежи во однос на просекот на врнежи за Република Северна Македонија за периодот 1981-2010 година. И покрај значителното поголемо количество на врнежи од 50 отсто во текот на минатото лето, 2022 била генерално во рамките на просекот според количеството на врнежи, односно имало негативно отстапување од просекот кај врнежите за 9 отсто во однос на референтниот тридецениски период за споредба.
Минатата есен била просечно влажна, додека пролетта и зимата биле посушни во споредба со просечните врнежи за периодот 1981-2010 година. Позначителни сушни периоди лани во Република Северна Македонија имало во јануари, март и октомври, кога количеството на наврнат воден талог било речиси половина од просечната вредност измерена меѓу 1981 и 2010 година.
Сервисот за климатски промени „Коперник“ на ЕУ на почетокот од годинава веќе објави дека 2022 година била година на екстреми во Европа, со многу срушени температурни рекорди и континуиран пораст на концентрациите на стакленички гасови во атмосферата, кои всушност и го предизвикуваат растот на температурата на воздухот.
Глобалните климатски моменти од 2022 година, кои ги сумираат температурите од изминатата година, концентрациите на стакленички гасови и значајните климатски и временски настани, покажуваат дека неколку температурни рекорди се срушени и во Европа и ширум светот, додека други екстремни настани како суши и поплави зафатиле големи региони.
Во голем дел од македонските градови, вклучувајќи го и Скопје, зимава воопшто не беше формирана снежна покривка, а проблеми со недостигот на снег во декември и јануари имаа и зимско-рекреативните центри во земјава. Во македонскиот главен град изминатава зима немаше ниту еден ден со снежна покривка, што е невообичаена појава која не се памети со години наназад.
Подготвено од А.Ѓ.