11.04.2023 Скопје
Владата денеска треба да донесе одлука со која ќе се ревидираат дел од замрзнатите цени на овошјето и зелечнукот. Министерот за економија Крешник Бектеши, изјави дека ниту еден од производите опфатени со одлуката нема да биде поскап од 100 денари за килограм.
Оваа одлука за корекцијата на цените доаѓа по средбата на министерот со трговците минатата недела.
Последните податоци што биле анализирани со увозниците покажале мало зголемување на увозните декларации на некои производи, и според тоа Бектеши соопшти дека би требало да се коригираат и замрзнатите цени.
Корекцијата ќе биде процентуална во зависност од зголемените трошоци за увоз прикажани во Царината од 28 март до денеска.
„Колку се зголемени цените на увозот на одредени производи, толку процентуално ќе се зголеми и цената која е замрзната. Ако има намалување на цените кои се прикажани во Царинската управа, процентуално ќе се намали цената на тој производ, а ако е истата, ќе остане иста цената“, појасни министерот Бектеши по средбата со увозниците во петокот.
Подготвено од М.Н.