13.04.2023 Скопје
Серија нови договори кои ги зајакнуваат енергетските врски на Унгарија со Русија само ќе ја продолжат војната во Украина, предупреди Олег Устенко, економски советник на претседателот Володимир Зеленски, повикувајќи го Брисел да ги блокира договорите.
„Ако сте ја виделе снимката од Русите како обезглавуваат украински војник – Унгарците го плаќаат ножот“, изјави Устенко.
Снимката на која наводно се гледа егзекуцијата на украинскиот војник што кружи на интернет предизвика вознемиреност во последните денови, при што Зеленски ги опишува руските војници кои наводно го извршиле убиството како „ѕверови“.
„Треба да бидете целосно слеп за да не видите какви злосторства спонзорирате. Купувањето повеќе гас од Русите значи дека им давате поголем капацитет за ескалација на војната“, додаде Устенко.
Унгарското Министерство за надворешни работи и трговија не одговори веднаш на барањето за коментар.
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто во вторникот во Москва потпиша серија енергетски договори, вклучувајќи го и оној со државниот енергетски гигант Газпром, кој овозможува зголемен увоз на гас. Премиерот Виктор Орбан, исто така, негуваше блиски односи со рускиот претседател Владимир Путин, а Будимпешта се спротивстави на воведувањето санкции кон Русија.
Будимпешта веќе добива 4,5 милијарди кубни метри гас годишно според постоечкиот долгорочен договор со компанијата, а новиот амандман ќе овозможи испораки на уште поголеми количини доколку е потребно. Цената би била ограничена на 150 евра за кубен метар, а сите плаќања над таа сума би биле одложени за подоцнежен датум.
„Безбедноста на снабдувањето со енергија на Унгарија бара непречен транспорт на гас, нафта и нуклеарно гориво“, рече Сијарто на конференцијата по разговорите.
Подготвено од А.Ѓ.